Куманово, 6 април 2020 (МИА) – Кумановскиот кризен штаб од Владата побара да обезбеди дополнително возило за транспорт на пациенти до Ургентниот центар, како и цистерна со распрскувач за дезинфекција на јавните површини во Општина Куманово.
-Бараме од Влада на Република Северна Македонија за потребите на Угрентен центар да обезбеди дополнително возило за транспорт на пациенти. Бараме Влада да обезбеди специјално возило (цистерна) со распрскувачи за вршење на дезинфекција на јавните површини на територија на Општина Куманово, бидејќи капацитетите со кои располага ЈП „Чистота и зеленило“- Куманово не се доволни за секојдневна и целосна дезинфекција на градот, соопшти Кризниот штаб.
Оттаму бараат Влада да донесе одлука средствата кои се исплаќаат во вид на социјална помош и пензии да бидат исплаќани преку ЈП „Македонски пошти“ и други субјекти кои имаат можност за таков сервис, директно до граѓаните како би се надминал постојаниот метеж пред банките и другите услужни установи кои вршат шалтерска исплата и услуга, бидејќи при вакви услуги евидентно не се почитуваат препораките на Владата од страна на граѓаните.
Од штабот бараат од Фондот за здраствено осигурување да им достават на електронската адреса (gradonacalnik@kumanovo.gov.mk) листа на приватни општи и/или специјалистички ординации (име на ординација-област, име и презиме и контакт на лекари од општа пракса, доктори специјалисти, медицински и технички персонал) за потребите на ОШЗС. Штабот ја задолжи Општина Куманово да формира редарска служба од сопствени вработени кои ќе вршат редарска контрола на најпрометни места во градот, а ќе бидат во постојана соработка со СВР Куманово а по потреба и асистенција. Лицата треба да бидат видно обележани и ќе добијат насоки од Општинскиот штаб за заштита и спасување (ОШЗС) за начинот како ќе ја извршуваат нивната работа.
Од Кризниот штаб при Влада бараат да задолжи лице од Министерство за труд и социјална политика, кое дирекно ќе се вклучи во работата на ОШЗС, поради тоа што подолг временски период Центарот за социјални работи Куманово не учествува во работата на ОШЗС.
Општина Куманово воведе уште една телефонска линија 075 323 569, каде социјално најзагрозените семејства ќе можат да се пријавуваат за пакети со прехранбени продукти и средства за лична хигиена и дезинфекција. Дежурен телефон на Општинскиот штаб за заштита и спасување е 078 365 061, на кој граѓаните ќе можат да ги добиваат потребните информации (информации за дежурни аптеки, дежурни маркети, начин на спроведување на услуги на институциите во градот, мерките и препораки донесени од Владата и од Општинскиот штаб за заштита и спасување).
Општина Куманово воведе и услуга за асистенција на болни и изнемоштени граѓани. Овие категории на лица ќе можат да се јавуваат на телефоните 075 207 126 и 077 71 94 94, по што од страна на лице од општината и Црвен крст ќе им бидат набавени и доставени бараните производи и лекови, а за кои самите граѓани ќе си ги покријат трошоците.
–Апелираме бројот 192 да се користи од страна на граѓаните само за повици кои се во делот на работење на полицијата. Сите други информации граѓаните ќе можат да ги добијат на бројот на Општинскиот штаб за Заштита и спасување – 078 365 061, се вели во соопштението од Кумановскиот кризен штаб. ам/вј/