Опозициската ВМРО-ДПМНЕ предложи пратеници во македонското Собрание да можат да бидат лица кои имаат само македонско државјанство. Тоа би се регулирано преку изменување и дополнување на Законот за пратеници.
Предлогот за законски измени се случува откако бугарскиот министер за одбрана, Красмир Каракачанов објави дека дел од пратениците и функционерите од ВМРО-ДПМНЕ, наводно имале бугарски пасоши, што подоцна беше демантирано од страна на опозициската партија.
„За да ги прекинеме димните завеси кои што ги крена најдобриот пријател на Зоран Заев, Каракачанов кој што шири лажни вести, редно е да заврши времето во кои што Заев ги донесе македонската политика и македонските политичари до потсмев како што вели Каракачанов и од таа причина поднесуваме Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за пратеници“, изјави Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, кој беше меѓу споменатите од Каракачанов.
Тој образложи дека измените во предлог законот се во два члена и тоа во условите за избор на пратеници каде што додаваат нов член во кој е наведено дека „за лицето да биде избрано за пратеник треба да го исполнува условот, покрај другите, да е државјанин само на Република Македонија“.
Овој предлог закон го потпишаа сите пратеници од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Опозицијата ги повика пратениците од СДСМ и од другите политички партии да го поддржат законското решение за да се стави крај на темата и во наредниот период изборот на пратеници да биде од лица кои што ќе имаат само македонско државјанство.