Утрински Весник
Македонија

ВМРО-ДПМНЕ и натаму инсистира на предвремени избори, СДСМ смета дека барањето е од пуста желба за власт

ВМРО-ДПМНЕ и натаму инсистира на предвремени избори, СДСМ смета дека барањето е од пуста желба за власт

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и денеска порача дека е неопходно да се одржат предвремени парламентарни избори.

Тие инсистираат на брзи избори, без техничка влада, а за помалите партии предлагаат една изборна единица.

„ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да оди на предвремени парламентарни избори без техничка влада, и со тоа изборите да можат да се распишат во најкраток можен рок, без услов од 100 дена техничка влада. Така ќе се заштеди на време и новата влада ќе може бргу да почне да се справува со предизвиците пред кои е исправена државата. ВМРО-ДПМНЕ е подготвена и на барањето на помалите партии кои бараа една изборна единица. ЛДП, ДОМ и ДС треба само да смогнат сили и да им кажат не на нивните раководства кои ги држат во влада за неколку директорски места или вработување на роднини на истите“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според опозициската партија, со Владата управува ДУИ, а Ковачевски е само вршител на должност премиер и не може да ја избави државата од ниту една од четирите кризи во кои ја втурнала токму оваа гарнитура на политичари.

Социјалдемократите одговорија дека мандатот на Владата е до 2024 година, а барањата на опозицијата, како што велат, се од пуста желба за власт на нивниот лидер, Христијан Мицкоски.

„Пуста желба за власт е барањето на Мицкоски за предвремени избори, новата Влада ќе го заокружи мандатот до 2024 година. Пуста желба за власт е барањето на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ за брзи предвремени избори. Парламентарното мнозинство изгласа нова Влада со мандат до 2024 година а легитимитет го црпи од резултатите на парламентарните избори во 2020 година. На тие парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ и нејзините политики беа поразени“, велат од СДСМ преку соопштение.

Владејачката партија додаде дека барањето за брзи избори го покажува стравот дека е видлива неспособноста на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ, но и стравот од пресуди во судските процеси кои се водат против функционерите од оваа партија.

„Предвремени парламентарни избори нема да има, граѓаните се уморни од постојани избори, а оваа Влада предводена од СДСМ ќе го заокружи целиот мандат, нешто што не се случило повеќе од 15 години“, велат од СДСМ.

Можете да прочитате

Таравари: 800 евра минимална плата, економијата и емиграцијата бараат одговори

Мицкоски: Ние водиме позитивна кампања, сакаме да им ја вратиме надежта на граѓаните, затоа што со СДС и ДУИ неколкумина од власта се граѓани од прв ред, а сите други од втор ред

ОВА Е САМО ПОЧЕТОК: За време на викендот очекувајте уште постудено време и нови обилни врнежи од дожд