Скопје, 18 април 2020 (МИА) – На денешната седница Владата ја донесе Уредбата со законска сила за формирање на фонд за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од коронавирусот КОВИД -19
Со оваа уредба со законска сила се уредува формирањето, финансирањето, како и намената на средствата на Фондот за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од коронавирусот КОВИД-19.
Средствата собрани во Фондот, ќе се користат за финансиска поддршка на економските мерки за помош и поддршка на микро, малите, средните и големите претпријатија во надминување на економската криза предизвикана од коронавирусот КОВИД-19.
На оваа седница Владата ја разгледа информацијата и ја усвои Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за условите и критериумите за репласирање на средствата од компензационите фондови со која се утврдуваат условите за директно кредитирање на деловни субјекти погодени од коронавирусот за репласирање на средствата од компензационите фондови, во насока на обезбедување средства во износ од 492.000.000 денари за директно кредитирање на микро, мали и средни компании чија економска дејност е погодена од коронавирусот, преку Развојната банка на Северна Македонија.
Во врска со оваа одлука, Владата ја задолжи Развојната банка на Северна Македонија да објави Јавен повик на кој ќе можат да аплицираат микро, мали и средни компании чија економска дејност е погодена од коронавирусот, во согласност со условите предвидени во Одлуката, и да ги испита можностите за уредување на доставата на документите од Централен Регистар и Управата за јавни приходи за кредитобарателите, во насока на олеснување и/или координација и заедничка комуникација и насочување на кредитобарателите. ац/