Владата направи позитивен исчекор напред кон реализацијата на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор и кон основањето на националниот Фонд за енергетска ефикасност во земјава. На вчерашната владина седница се усвои Информацијата во врска со потребата од издавање на писмо без приговор за Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор. Вицепремиерката Мила Царовска, како назначен претставник за комуникација со Зелениот климатски фонд – Focal Point е овластена да го потпише писмото без приговор и во рок од една недела истото да го достави до Светската банка и Министерството за финансии, информираат од владината прес-служба.
Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор ќе значи конечно отпочнување на енергетската реконструкција на објектите во кои се сместени државните и општинските власти низ целата земја. Овој проект преку три компоненти има за цел да ја намали потрошувачката на енергија во јавниот сектор и да го поддржи развојот и имплементацијата на одржлив механизам за финансирање на енергетска ефикасност во јавниот сектор. Тој ќе треба да почне да се реализира годинава.
Вкупниот износ на проектот ќе изнесува 64 милиони долари, а покрај кредитот од Светска банка, 10 милиони долари можат да се обезбедат преку Зелениот климатски фонд како неповратен грант. Покрај тоа што средствата ќе служат за менување на прозорците, вратите и крововите на објектите, како и за изведба на енергетски ефикасни фасади и други мерки за енергетска ефикасност кај јавните објекти, со предложениот предлог-проект треба да се обезбеди почетниот капитал за основање на националниот Фонд за енергетска ефикасност, информираат од владата.
„Мета.мк“ веќе неколку месеци наназад пишува за потребата од забрзување на имплементацијата на мерките за енергетска ефикасност кај објектите лоцирани на територијата на нашата земја. До крајот на годинава, државата треба целосно да ги изготви подзаконските акти по усвојувањето на Законот за енергетска ефикасност во февруари годинава. Во овој пакет на документи влегуваат и Правилниците за енергетска контрола на згради и Правилникот за енергетски карактеристики на згради, кои до есенва треба да бидат изработени.
Во најновата „Стратегија за развој на енергетиката во Република Северна Македонија до 2040 година“ се посочува дека на нашата земја ќе ѝ бидат потребни меѓу 1,5 и 2,5 милијарди евра за имплементација на мерките за енергетска ефикасност само кај објектите што се изградени во изминатите децении. Од нив, за зградите на државните институции и општинските власти ќе бидат неопходни најмалку 105 милиони евра за енергетска реконструкција на објектите до 2040 година. Покрај овие средства што ќе мора да ги изнајде, државата преку идниот Фонд за енергетска ефикасност ќе треба да им помогне финансиски на граѓаните и компаниите во мерките што ќе треба да ги спроведат тие за намалување на потрошувачката на енергија.