Утрински Весник
Македонија

Владата најдоцна до утре вечер ќе прогласи кризна состојба на целата територија во траење од 30 дена

Владата најдоцна до утре вечер ќе прогласи кризна состојба на целата територија во траење од 30 дена

Советот за безбедност на денешната 10. седница ѝ предложи на Владата да прогласи кризна состојба на територијата на целата држава во траење од 30 дена, информираше претседателот Стево Пендаровски на прес-конференцијата по завршувањето на седницата на која се разговараше за состојбата со ковид-19.

Пендаровски оваа состојба ја оцени за исклучително сериозна и оттука предлогот за кризна состојба, која на Армијата би ѝ овозможила широки можности за поддршка на МВР и на здравствените институции во борбата против ковид-19, за разлика од сега кога таа тоа го прави во лимитиран обем.

Пендаровски објасни дека со прогласувањето на кризната состојба Владата ќе има законска можност да управува и со приватните здравствени установи.

„Да појаснам, не станува збор за национализација, приватноста е уставно загарантирано право, туку можност Владата да управува, да менаџира со здравствените установи ако процени дека тоа е неопходно. Услугите кои приватните здравствени установи ќе ги дадат, ќе бидат компензирани од страна на државата, но законски не повеќе од 30 проценти од пазарната вредност,“ објасни Пендаровски.

Претседателот појасни дека воведувањето на кризна состојба на целата територија нема врска со полицискиот час или воведување на рестрикции во движењето. Тоа како што рече Пендаровски е во рацете на Комисијата за заразни болести, Кризниот штаб, Владата.

Советот за безбедност ќе му препорача на Управувачкиот комитет при Центарот за управување со кризи кој до Владата треба да достави предлог за прогласување на кризна состојба, која според премиерот Зоран Заевм, најдоцна до утре вечер се очекува таа да се прогласи на целата територија во траење од 30 дена.

Заев додаде дека не се исклучува можноста за полициски час, целосен „локдаун“, а прогласувањето на кризната состојба нема да го ограничи движењето на граѓаните.
Премиерот упати апел да се почитуваа ова состојба, граѓаните ако немаат потреба да не се движат по 21 часот, да ги почитуваат мерките за заштита.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека со кризната состојба се ставаат на располагање капацитетите на приватните болници, поликлиниките, кадарот.

„Денеска ќе направиме проценка со што располагаме и заеднички со државните капацитети план за работа,“ рече Филипче.

Тој оцени дека периодот е критичен и со оваа динамика се очекува линеарен раст на заболени со ковид-19 со што ќе се има и потреба од болнички капацитети.

„Во целата зграда на Интерните клиники ќе се лекуваат ковид пациенти. Сите три спрата се спремни, двата се полни утре ќе се отворат одделенијата на оториноларингологија и офталмологија, целиот кадар е на стенд бај. Може да се прошират и капацитетите на ГОБ 8 Септември со тоа што ќе се прекине нивната работа преку Мој термин. Постои план за зголемување на болничките капацитети и со другите хируршки клиники,“ рече Филипче.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Во аптека ќе се оди само со електронски рецепт, хартиените рецепти ќе бидат целосно исфрлени од употреба во јуни следната година

Владата повторно ќе му помогне на ЈСП ако не успее тендерот за нафта

Засилени контроли на патарините, казни од по 200 евра за неплаќачите