Утрински Весник
Македонија

Владата и граѓанските организации заедно во борбата против родово насилство

Владата и граѓанските организации заедно во борбата против родово насилство

Сите чинители во општеството, треба да се обединат и да бидат единствени во одговорот против сите форми на родово и сексуално насилство врз жени и девојки и не смеат да останат одмолчени или неказнети. Ова е заклучокот од вчерашната средба меѓу претставничките на Платформата за родова еднаквост и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за правда Бојан Маричиќ, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и министерката за образование и наука Мила Царовска.

Претставничките на граѓанскиот сектор нагласиле дека појавите како „Јавна соба“ и другите организирани форми за насилство врз жените и девојките, од Јавното обвинителство и согласно Кривичниот законик, треба да се третираат како злосторничко здружување, при квалификувањето на делото, но и во понатамошните постапки.

Од владата изразиле  разбирање за  ставовите на претставничките на родовата платформа и ги споделуваат како што стои во соопштението, очекувањата за соодветни казни за организаторите и извршители на овие кривични дела.Нагласуваат дека „Јавна соба“ и другите форми на родово насилство кои го напаѓаат достоинството, го загрозуваат правото на приватност и претставуваат повеќекратна дискриминација.

Министерот Спасовски и министерката Шахпаска се согласиле  дека е неопходно зајакнување на капацитетите на стручните работници во центрите за социјална работа и МВР.  Министерот Спасовски ги  охрабрил граѓанските организации да ги пријавуваат во внатрешна контрола, полицајците за кои постојат такви сомневања.Според  министерката Шахпаска од буџетот на МТСП се обезбедуваат средства за специјализирани услуги за жртвите согласно нивните индивидуални потреби во кои се вклучени и граѓанските организации.

Министерот Маричиќ смета дека преку случајот „Јавна соба“ се забрзале процесите за носење на потребните законски измени на Кривичниот законик кои ќе овозможат превенција и строга санкција на делата кои се опфаќаат токму со овој случај.

Заедничка констатација од средбата е дека, освен законската регулатива и превентивните мерки што секоја институција во системот за заштита има обврска да ги преземе, со цел елиминирање на насилството врз жените и семејното насилство, посебно важно место има законската обврска за брзо и ефикасно постапување на јавното обвинителство и судовите во изрекувањето на итни и на привремени мерки за заштита.

Од средбата следеше и апел упатен до обвинителството и судот, да постапуваат согласно законските одредби и да ја остварат својата улога да бидат значаен и суштински дел од институционалниот одговор на санкционирање на родовото и сексуалното насилство.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Петрушевски: Поднесените амандмани се популистички

Општина Струмица ѝ предаде објект на Фондацијата „Елеуса“

Никој не го отворил прашањето дека може без Албанците, вели Меџити за изјавата на Ахмети од Швајцарија