Скопје, 12 март 2020 (МИА) – Претседателот на Владата Оливер Спасовски и заменичките на претседателот, Радмила Шекеринска и Мила Царовска заедно со владиниот економски тим и повеќе министри, денеска одржаа работна средба со претставници на стопанските комори во земјава на која се разговараше за ситуацијата со вирусот Ковид-19 и индикациите врз економијата и животот на граѓаните.
На средбата, како што соопшти владината прес-служба, е заклучено дека ширењето на коронавирусот е заеднички проблем, и оти во оваа ситуација сме сите заедно и заеднички треба да ги решаваме проблемите.
– Ви благодарам што одговоривте на нашата иницијатива, денешната средба е многу важна, бидејќи во оваа ситуација за решавање и ублажување на проблемите кои евентуално би се појавиле во иднина сме заедно и заедно ги подготвуваме сите мерки кои ќе помогнат да немаме застој во економијата и нема да пречат во продолжување на работниот процес на компаниите, рече премиерот Спасовски на средба на која присуствуваа и претставници на Царинската управа, Управата за јавни приходи и Народната банка.
Спасовски нагласи дека составот на присутни министри и претставниците на бизнис асоцијациите е всушност работна средба на Кризен штаб, кој во овој состав ќе продолжи да биде во редовна комуникација во наредниот период кога се применуваат мерки и се упатуваат пораки во врска со евентуалните кризи при справувањето со корона вирусот. Констатирано е дека пораките и одлуките во врска со коронавирусот се носат и се пренесуваат на централно ниво, и оти Владата ќе продолжи со комуникацијата и координацијата со стопанските комори и ќе излезе во пресрет на реалните потреби за поддршка во одредени сектори доколку за тоа има потреба.
– Потребно е сите заеднички да ги почитуваме мерките, кои ги преземаме, бидејќи очигледно е според искуствата на други земји, дека каде се преземени радикални чекори таму има и позитивни резултати за справување со кризата во економијата, рече Спасовски информирајќи ги присутните дека комуникацијата и информирањето на сите граѓани се одвива на високо ниво, за да се избегнат дезинформациите, лажните вести и создавањето паника.
Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска информира дека е во постојана комуникацијата со претставниците на бизнис секторот во земјата и веќе е разговарано за реорганизација на производствените процеси и воведување нови смени доколку е потребно.
– Компаниите што имаат потреба да ја реорганизираат својата работа во смени, тоа да го направат за да нема застој во работењето, а работниците кои имаат деца до 10 години да соработуваат во реорганизацијата. Ги повикуваме компаниите што имаат можност да ја организираат својата работа од дома и со тоа да го спречат ширењето на корона вирусот, рече Царовска.
Претставниците на Владата информираа за дополнителните мерки кои изминатите два дена се донесени, а се однесуваат на подобрување на информираноста и достапноста на потребните информации на сите граѓани во врска со вирусот „Ковид-19“, преку кол-центарот, објавување на сите информации на сајтот на Владата, објавувања на сите заклучоци и мерки преку МИА и МРТ, како и со секојдневните прес-конференции на министерот за здравство Венко Филипче, се вели во соопштението од владината прес-служба. мс/са/