Утрински Весник
Економија

Владата даде согласност на договорот на Пошта со Халкбанк

Пропаѓањето на „Еуростандард банка“ го блокираше платниот промет во „Македонски пошти“

Владата на денешната седница донесе одлука за давање согласност за прифаќање на конечната понуда на Халкбанк АД Скопје за склучување на договор за соработка со АД „Пошта на Северна Македонија“ и го одобри Договорот за утврдување на висината на надоместоците за вршење на услуги во АД „Пошта на Северна Македонија“ – Скопје во име и за сметка на Халкбанк АД Скопје.

Со оваа одлука Владата во својство на Собрание на акционери на Акционерското друштво за поштенски сообраќај „Пошта на Северна Македонија“ во државна сопственост – Скопје, ја прифати како најповолна понудата на Халкбанк АД Скопје согласно двата усвоени критериуми за евалуација на понудата, и тоа во однос на рокот за почеток на имплементација на договорот од 2 месеца, како и во однос на процент на поделба на остварениот заеднички приход во висина од 71% за „Пошта на Северна Македонија“ со 29% за Халкбанк АД Скопје.

На оваа седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата за финансиската состојба на АД „Пошта на Северна Македонија“ Скопје во услови на пандемија со Ковид-19 и стопирање на финансиските услуги поради стечај на Еуростандард банка АД Скопје, и донесе одлука за одобрување на средства од буџетот за 2020 година исклучиво за намената за којашто се доделени, односно заради исплата на плати на вработените, се вели во соопштението.

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025

Петрушевска до опозицијата: Седум години покажувавте огромна негрижа, а сега зборувате за социјална правда

„Сакам да работам“ до ДУИ и ВЛЕН: Дали вашата политичка војна треба да остави 10 илјади луѓе без работа