Утрински Весник
Македонија

Викенд на гордоста Скопје од 2 до 8 септември

Викенд на гордоста Скопје од 2 до 8 септември
Cevahir mall aerodrom pulsira vol 4 vfinal 300x300px baner

Осмиот по ред Викенд на гордоста Скопје ќе се одржува во периодот од 2 до 8 септември, во Музејот на современа уметност, КОМИТЕТ и кафе барот Шортбас.

Викендот на гордоста Скопје е фестивал за квир култура, уметност и теорија чијашто цел е да создаде простор за презентирање и промовирање на ненормативните форми на светообразување.

Основната кураторска тема на овогодишното издание на фестивалот е Суров оптимизам, со што му се оддава почит на делото на Лорен Берлан за суров оптимизам (2011).

„Суровиот оптимизам ги означува приврзаностите и афектниот влог во објекти, места, идеали, норми, институции, светови и форми на живот како грст ветувања и извори на истрајност, кои наместо да ги прават подостижни ветените нешта и фантазијата за добар живот, напротив, го трошат и подриваат нашиот индивидуален и колективен процут и добросостојба“, се вели во најавата за фестивалот.

Викендот на гордоста Скопје ќе биде отворен со групна изложба „Скршено“ на 2 септември во МСУ, а во рамки на која ќе учествуваат повеќе уметници, меѓу кои и Феликс Гонзалез-Торес, уметник чиешто дело ја испиша и измести светската историја на уметноста во 80-тите и 90-ти години, а кој за првпат го изложуваме во рамки на Балканот, како и меѓународно реномираните уметници Полин Бодри и Ренате Лоренц, Карин Мичалски, Христина Иваноска, Велимир Жерновски, и Хермес Питакос и Федерика Даури.

Во рамки на целокупната програма публиката ќе може да проследи перформанси од Кијун Томас и танц триото STEAM ROOM, самостојна изложба на Јован Јосифовски, промоција на најновиот роман на Петар Андоновски, онлајн дрег шоу и ДиЏеј сетови. Онлајн предавање ќе одржи Лорен Берлан, една од најзначајните современи критички теоретичарки во светски рамки.

Фестивалот е во организација на Коалицијата МАРГИНИ и ЛГБТИ Центарот за поддршка, а се реализира со поддршка на Фондацијата Heinrich Böll Stiftung, Фондацијата отворено општество Македонија, Европската унија во рамки на меѓународниот проект ВРЕМЕТО Е СЕГА, и ИЛГА-Европа.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

12-годишно дете со тешки повреди по експлозија на петарда во парк во Аеродром

МВР со детали за убиството на турскиот државјанин во Скопска чаршија

Мицкоски најави ново линеарно зголемување на пензиите во април