Утрински Весник
Македонија

„Виз ер“ на 1 и 2 јули ги отвора аеродромите во Скопје и Охрид (ДПЛ)

„Виз Ер“ на 1 и 2 јули ги отвора аеродромите во Скопје и Охрид

Скопје, 29 јуни 2020 (МИА) – Со лет на „Виз ер“ в среда се отвора Меѓународниот аеродрoм – Скопје, а веднаш по него ќе лета и „Туркиш ерланс“. „Виз Ер“ ќе го отвори и аеродромот во Охрид  „Свети Апостол Павле“ в четврток, а на средината на јули се очекува преку аеродромот да дојдат и првите туристи од Холандија и Полска, соопшти генералниот директор на ТАВ – Македонија, Алпер Ерсој.

Протоколите се подготвени и се по сите светски стандарди. Како што напомена Ерсој, патниците мора да дојдат три часа пред летот зашто проверките поради заштитните мерки се малку позабавени. Во авионите ќе нема ограничување на местата за седење зашто, како што рече Ерсој, летањето би било неисплатливо. Патниците ќе мора да носат заштитни маски за цело време на летот, а кабините на авионите, потенцира Ерсој, се опремени со специјални хепа филтри кои уништуваат 99,9 отсто од вирусите и бактериите.

-Затоа авионскиот транспорт ќе биде набезбеден јавен превоз, посочи Ерсој.

Нагласи дека од среда од македонските аеродроми ќе летаат и „Туркиш ерлајнс“, „Лот ерлајнс“, „Пегасус“, „Еделвајс“ и „Чех ер“, а „Аустријан“ и „Кроејша“ ќе почнат да летаат од средината на јули, додека „Катар ерлајнс“ и „Флај Дубаи“ ги откажаа нивните летови до крајот на август. Во периодот што следи очекува помал број на патници и летови од двата аеродрома.

Министерот за здравство Венко Филипче кој заедно со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески го посетија Скопскиот аеродром и имаше средба со менаџментот на ТАВ,  потврди дека во среда, на 1 јули, двата аеродрома, во Скопје и во Охрид, се отвораат.

Филипче информира и дека денеска ќе разговара со грчкиот колега во врска со отворањето на граничниот премин Евзони, а за влез на нашите граѓани во земјите-членки на ЕУ, веќе разговарал со претставници на Советот за здравство на Европската комисија и повторно има закажано состаноци за утре и за четврток.

– Протоколот на Меѓународниот аеродрoм – Скопје е според сите светски стандарди. Целосно се застапени основните заштитни мерки – дистанца, дезинфекциски средства и обврска за носење маски, а на влезот е поставена и термална камера. Скринингот ќе продолжи, ќе функицонира и собата за изолација, изјави Филипче по посетата на Аеродромот и средбата со менаџментот.

Во аеродромската зграда, посочи, ќе може да влегуваат само патниците со што значајно се намалува ризикот од гужва.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, пак, минатата недела разговарал со надлежните во „Виз ер“. Рече дека согласно Договорот за финансика поддршка, очекува од први јули да продолжат летовите што беа стопирани во март поради КОИВИД-19.

-Минатата недела имав разговор и со компанијата „Виз ер“ која што е субвенционирана од државата. Ги информиравме дека од 1 јули продолжуваат планираните летови коишто беа до средината на март. Очекувам согласно Договорот за финансиска поддршка „Виз Ер“ да продолжи да лета од 1 јули и да се исполнуваат сите обврски коишто ги има државата, се разбира и компанијата. За нас како Влада е исклучително битен авиосообраќајот бидејќи пред почнувањето на оваа здравствена криза имавме рекорден број патници што е исклучително важно и за економијата и за туризмот. Се надевам согласно протоколите дека во понатамошниот период и покрај оваа здравствена криза ќе се вратиме во нормала и ќе продолжиме во делот на зголемувањето на бројот на патници на двата аеродрома, изјави Сугарески. вј/лв/

Сугарески и Филипче во посета на Меѓународен аеродром Скопје

Posted by MИА.mk on Понеделник, 29 јуни 2020

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Конгресот го избра новиот состав на Централниот одбор на СДСМ

Мицкоски: Посакувам СДСМ да наликува на конструктивна опозиција

Филипче: Следува нов почеток и пресвртница во делувањето на СДСМ