Утрински Весник
Македонија

(Видео) Шахпаска: Успехот ќе биде целосен ако охрабриме најмалку уште една жена да зачекори храбро во светот на мажите

(Видео) Шахпаска: Успехот ќе биде целосен ако охрабриме најмалку уште една жена да зачекори храбро во светот на мажите

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска учествуваше на меѓународната конференција „Жените во надворешната политика“, организиран од страна на Министерството за надворешни работи. Во своето обраќање на тема „Ковид-19 и неговото економско влијание врз жените“, рече дека и покрај светската здравствено-економска криза, Министерството за труд и социјална политика донесе два клучни закони, Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство.

„Изминатава година и пол нашето општество, а верувам и целиот свет се увери колку жените на своите плеќи, секоја во различен сектор, го понесе товарот од здравствената и економската криза. Фактот дека 74 проценти од здравствените работници се жени, говори за нивното присуство во првите борбени редови во справување со пандемијата. Во градинките, во образованието, во трговијата, каде доминантно се вработени жени се покажа нивната храброст и упорност. Дадоа се од себе и не дозволија здравството да потклекне, образованието да застане, децата да не бидат згрижени, продавниците да бидат затворени“, рече Шахпаска.

Според неа формирањето на првата независна и професионална Комисија за заштита од дискриминација е од големо значење бидејќи таа спроведува мултисекторски пристап на институциите во борбата против насилството врз жените и семејното насилство. Исто така, во насока на унапредување на родовата еднаквост во нашата држава, Министерството за труд и социјална политика, работи на подготовка на Законот за родова еднаквост кој треба да овозможи унапредување на положбата на жените и еднакви можности во остварувањето на правата, еднаков пристап до ресурси, еднакво учество во јавниот и политичкиот живот, еднаквост во носењето на одлуки.

„Вашиот, мојот, нашиот професионален успех ќе биде целосен само доколку дадеме поддршка, охрабриме, поттикнеме, мотивираме барем уште една жена да зачекори храбро во светот на мажите. Само на тој начин ќе ја оствариме нашата мисија и ќе ја исполниме визијата и на Беназир Буто, првата жена премиерка на Пакистан, која во едно доминантно „машко“ општество, прилично затворено за нови и прогресивни идеи успеа да создаде слободно, отворено и прогресивно општество“, порача Шахпаска.

Можете да прочитате

Јанев: Полицијата е партнер на граѓаните, обврска и задача е да им служи а не да владее

ВМРО-ДПМНЕ: Разбирлива е реакцијата на ДУИ за интерпелација на Тошковски, бидејќи сценарието за насилство и меѓуетнички тензии им е откриено

КОН МАКЕДОНИЈА ДОАЃААТ НОВИ ОБИЛНИ ВРНЕЖИ: Ќе врне дожд, снег и ќе има ново големо зголемување на снежната покривка!