Утрински Весник
Свет

(Видео) Хаос по изборите во Киргистан: Демонстранти провалија во зградата на парламентот

(Видео) Хаос по изборите во Киргистан: Демонстранти провалија во зградата на парламентот

Демонстранти во Киргистан упаднаа во зградата на владата и парламентот и ги ослободија поранешниот претседател и премиер од затвор.

Во главниот град на Киргистан, Бишкек избувнаа немири по резултатите од спроведените избори. Полицијата употреби и гумени куршуми, солзавец и водени топови против демонстрантите, но граѓаните на Бишкек беа решителни и упаднаа во зградите, пренесуваат светските агенции.

„Тасс“ пренесува извештај од Министерството за здравство, според кој во судирите со полицијата, кои претходеле на упадот во парламентот, биле повредени 590 лица, од кои 150 се хоспитализирани.

Парламентарните избори се одржаа во неделата, а штом излегоа прелиминарните резултати, приврзаниците на опозициските сили, кои не успеаја да победат, излегоа на улиците во Бишкек и настана хаос.

Демонстрантите најпрво со камион ја разбиле портата пред „Белата куќа“, каде се наоѓаат највисоките државни институции на Киргистан, а потоа упаднале во зградата.

Според извештаите од терен, само неколку минути пред упадот во зградата на парламентот, бил забележан конвој автомобили како го напушта објектот, така што кога упаднале демонстрантите, тие не нашле службени лица.

Демонстрантите потоа ги ослободиле и поранешниот претседател Алмазбек Атамбајев и премиерот Сапар Исаков од затвор.

Светските агенции исто така објавија дека избувнал пожар во „Белата куќа“, кој брзо бил изгаснат.

Атамбајев беше осуден на долгогодишна затворска казна поради корупција, по конфликтот со неговиот наследник Соронбај Женбеков.

Атамбајев, кој беше претседател од 2011 до 2017 година, беше уапсен во август минатата година.



Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење

Петнаесет лица повредени во руски напад врз Харков