Украинците денеска ги развеаjа националните знамиња и ја свиреа националната химна за да покажат заедништво по повод Денот на единството, а против стравот од руската инвазија, која, според тврдењата на западните сили, може да биде неизбежна.
Жолто-синото знаме денеска беше развеано пред училиштата, болниците и многу продавници по повод националниот празник што украинскиот претседател Володомир Зеленски го прогласи оваа недела поради групирањето руски војници во близина на украинската граница, откако претходно најави дека ден за нападот би можел да биде 16 февруари, јавува агенцијата „Ројтерс“.
Русија, сепак, негира дека ќе изврши инвазија, но предупреди дека може да преземе неопределени воено-технички дејствија доколку нејзините безбедносни барања не се исполнат.
На главниот киевски булевар Хрешчатик, каде знамиња ги красеа владините канцеларии, денешниот ден за многу граѓани беше горе-долу ист како и сите други.
„Ова е обичен ден, но овие знамиња се тука за да покажат дека од никого не се плашиме. Не нè исплашија“, вели извесен Микола, кој е сопственик на мал штанд за кафе во главниот град.
Од звучници во една локална канцеларија на владата се слушале патриотски песни, додека телевизиските и владините канали на „Јутјуб“ емитуваат говори и потсетуваат на државноста на Украина.
„Сите сакаат да нè исплашат, а ние ќе останеме тука“, вели пензионерката Људмила, која носела мало украинско знаме на реверот од својот капут.
Стотина луѓе истакнаа украинско знаме долго 200 метри на Олимпискиот стадион во Киев, веејќи го во ритамот на патриотска музика.
Во телевизиско обраќање, претседателот Зеленски рече дека Украинците се обединети околу заедничката желба да живеат во мир, среќно со своите семејства.
„Никој не може да го сака својот дом како нас. И само заедно можеме да го заштитиме нашиот дом“, рече претседателот.
Зеленски подоцна треба да присуствува на воени вежби во Ривне, а потоа да лета до источен Донбас за да се сретне со воените сили.