Костурот на државата е скршен. Новиот договор кој го промовира ВМРО-ДПМНЕ е трасирање на патот по кој треба да се движи државата, истакнаа говорниците на денешната трибина на ВМРО-ДПМНЕ, на тема „Нов договор – заеднички патриотизам“.
Професорката и пратеник Гордана Силјановска Давкова, посочи дека потребно ни е враќање на европските темели каде се цени индивидуата, партизацијата на институциите и бркање на способните и стручните млади е реалност.
Силјановска Давкова: Костурот на државата е скршен, потребен ни е нов општествен договор
„Демократскиот политички лепак е граѓанството, затоа треба да се зборува за неговото височество граѓанинот и индивидуата како извор на суверенитетот, тој конститутивен елемент обединува, ние можеме да се натпреваруваме и да бидеме рамноправни пред Уставот и законите како индивидуи, а кај нас за жал дури и она начело кое можеше да биде многу важно правична и соодветна застапеност не функционира“, посочи Силјановска Давкова.
Таа додаде дека институциите во Македонија се наполнија со партиски војници, се’ се „фамилијализираше“ и така се скрши костурот на државата, па по тоа потребен ни е нов концепт и за да не се распадне општеството треба да посегнеме по европските темели, тоа е знаењето, стручноста и компетентноста на индивидуата.
Пратеничката Иванка Василевска, на трибината нагласи дека новиот договор кој што го промовираше претседателот Христијан Мицкоски на 17тиот Конгрес претставува трасирање на патот по кој треба да се државата.

Иванка Василевска: Новиот договор кој го промовира ВМРО-ДПМНЕ е трасирање на патот по кој треба да се движи државата
„Зошто сме денеска на ова дереџе и зошто е апатијата кај македонските граѓани толкава? Веќе забележавте дека Македонците без разлика на етничката припадност, младите генерации што побрзо гледаат да заминат од државата, и тоа не затоа што не се испочитувана нивната етничка, верска припадност, туку затоа што немаат рамномерен статус во општеството и не можат да се класираат ниту на пазарот на труд, ниту пак да ги исполнат сите свои соништа. И затоа одат некаде во друг правец, барајќи ја својата среќа и тоа е многу поразително, бидејќи ние можевме и моравме да знаеме претходно дека требаше да мислиме малку понапред“, рече Василевска.
Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева посочи дека нема реални политики без почитување на законите, а кога станува збор за меѓународната политика, односно прашањето за преговорите со Бугарија, вели дека почитувањето на резолуцијата за националните интереси изгласана во македонското Собрание е знак на прашање дали истата ќе биде почитувана од новиот премиер.

Марија Митева: Во спорот со Бугарија да се почитува резолуцијата за националните интереси
„Резолуцијата којашто ја донесовме во Собранието беше доказ дека сите општествени чинители се согласија со истата и ја изгласаа, ќе си дозволам да кажам дека овој харвардски премиер од соседството ќе ја почитува сопствената декларација донесена таму, но се прашувам дали овој премиер тука исто со харвардско образование ќе ја почитува оваа резолуција донесена во македонското Собрание?“ – праша Митева на денешната трибина.
Пратеникот Миле Лефков истакна дека власта се занимава само со криминал и го труе општеството. Токму затоа, рече Лефков, излезе потребата од формирање на овој нов општествен договор, а со него ВМРО-ДПМНЕ се обидува на граѓаните да им даде нова надеж.
„Ако ги погледнете резултатите од локални избори ќе видите дека Македонија очекува многу од нас и како политичари, и како политика партија“, рече Лефков.