Во овие 100 дена градоначалникот на општина Крива Паланка Сашо Митовски со поддршка од советниците од СДСМ ја зголеми цената на водата за пиење на 30 денари за метар кубен. Денеска граѓаните плаќаат најскапа вода за пиење во историјата на Крива Паланка. Исто така во овие 100 дена градоначалникот и советниците на СДСМ ја зголемија цената и на такси превозот, односно од 50 денари на 60, односно 70 денари, обвинува Емил Спасовски, советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Крива Паланка и претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него Митовски ги дели културните уметнички друштва на подобни и неподобни со носењето на решението за иселување на едно фолклорно друштво од просториите кои што се во сопственост на општината.
Во првите 100 дена донесе и решение за иселување на фолклорно друштво од простории кои се во сопственост на општината без било какво образложение, истакна Спасовски и додава дека во овие 100 дена во општината се нема реализирано ниту еден инфраструктурен проект.
Спасовски потенцираше дека како советничка група од ВМРО-ДПМНЕ поднеле иницијатива средствата за украсување да се пренаменат за вработените од здравствениот дом, како и иницијатива за решавање на сообраќајниот хаос во централното подрачје на градот, но истите биле одбиени од Митовски и советниците на СДСМ.
Ги нема ветените нови паркинг места, нема катна гаража, но гласно се зборува за зонско паркирање преку јавно приватно партнерство за кое ние како советничка група остро ќе се спротивставиме и нема да дозволиме дополнителни оптеретувања на граѓаните, кажа тој.
Тој смета дека мандатот на Митовски во првите 100 дена се сведени на гол популизам и аматерски скапо платен пи-ар, укажувајќи дека како советничка група на СДСМ и понатаму ќе продолжат да работат во интерес на граѓаните и да се спротивстават на лошите локални политики.