Утрински Весник
Свет

(Видео) Путин и Лукашенко разговараа повеќе од пет часа – белорускиот лидер донесе актовка со документи

(Видео) Путин и Лукашенко разговараа повеќе од пет часа – белорускиот лидер донесе актовка со документи

Средбата меѓу претседателите на Русија и Белорусија, Владимир Путин и Александар Лукашенко, во Сочи траеше повеќе од пет часа.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави за руските медиуми дека двајцата лидери разговарале за економските прашања и развојот на билатералните односи, како и за ситуацијата што се појави откако авионот на „Рајанер“, кој леташе на релација Атина-Вилнус, принудно слета во Минск на 23 мај по наводните објави за бомба.

Откако авионот слета, беше уапсен дисидентскиот новинар Роман Проташевиќ, што беше остро осудено од западните земји.

Пред почетокот на состанокот во Сочи, Лукашенко рече дека на претседателот на Русија ќе му покаже документи за тоа што навистина се случува во Белорусија. И тој донесе чанта полна со документи.

„ Секогаш постои некој што ни создава проблеми. Ги знаете, ќе ве известам за нив“ му рече Лукашенко на Путин.

„ Донесов неколку документи за да можете да разберете што се случило“ додаде тој.

Путин потсети дека по присилното слетување на авионот на боливискиот претседател Ево Моралес во 2013 година, немаше никаква реакција од Западот. Авионот на претседателот на Боливија тогаш беше приземјен поради гласините дека во авионот бил поранешниот агент на ЦИА, Едвард Сноуден, кого САД го обвинија за откривање на државни тајни.

Путин посочи дека трговската размена меѓу Русија и Белорусија се зголемила за 18,4 проценти и дека е важно да се задржи тој тренд.
Лукашенко процени дека оваа година трговската размена меѓу двете земји ќе биде поголема отколку пред почетокот на пандемијата на коронавирусот.

На средбата со Путин, Лукашенко донесе актовка со документи

Можете да прочитате

Новиот лидер на Сирија вели дека целото оружје ќе биде ставено под државна контрола

Нетанјаху со закана дека ќе дејствува насилно и решително против бунтовниците во Јемен

Путин во Кремљ се сретна со словачкиот премиер Роберт Фицо