Во вкупно 116 градови во североисточната бразилска држава Баија е прогласена вонредна состојба поради поплавите предизвикани од обилните дождови.
Во последните денови поплавени се и градови во најмалку пет други земји на северот и југоисточниот дел на Бразил, додека во Баија поплавите погодија повеќе од 470.000 луѓе.
Во најмалку 50 градови, водата влезе во домовите и деловните објекти, а луѓето беа принудени да се евакуираат, додека официјалните владини податоци велат дека повеќе од 34.000 луѓе останале без покрив над главата, а речиси 43.000 се раселени.
Од почетокот на месецот во поплавите во Баија загинаа 21 лице, а 358 се повредени, пренесува АП.
Ова е најголем период на врнежи за Баија во последните 32 години, се наведува на веб-страницата на владиниот Национален центар за следење и предупредување од природни катастрофи.
Во јужниот дел на Баија падна повеќе од пет пати повеќе од количеството дожд што е вообичаено за овој период од годината, а во интервју за локалните радио станици гувернерот Руи Коста ја спореди ситуацијата со „бомбардирање“.
Тој, исто така, рече дека вакцините за коронавирус биле уништени во поплавите во некои градови.
Некои општински здравствени установи и магацини за лекови се целосно под вода“, рече гувернерот.
Во вторникот, населението од најмалку четири населби во Баија доби предупредување да ги напушти своите домови поради зголемениот проток на реката Пардо и отворањето на браната Маќадо Минеиро во соседната држава Минас Жераис, се вели во соопштението на локалната влада.