Утрински Весник
Македонија

(Видео) Пендаровски: Не очекуваме блокада од Бугарија за членство во ЕУ

(Видео) Пендаровски: Не очекуваме блокада од Бугарија за членство во ЕУ

Северна Македонија е целосно подготвена за почеток на преговорите. Не очекуваме нова блокада, овој пат, од Република Бугарија, рече претседателот Стево Пендаровски на Глобалниот безбедносен форум „ГЛОБСЕК 2020“ во Братислава, на тема „Западен Балкан по Ковид-19“.

Тој кажа дека кон средината на овој месец предвидена е нова средба на македонско – бугарската комисијата за историски и образовни прашања.

„Како што договорот од Преспа реши повеќедецениски проблем, верувам дека во духот на договорот за пријателство и добрососедска политика, Република Бугарија нема да биде причина за ново разочарување за сите нас. Бидејќи ако се случи тоа, незадоволството кај нашите граѓани и кај политичарите ќе биде големо“, рече Пендаровски.

Осврнувајќи се на дијалогот помеѓу Србија и Косово, претседателот Пендаровски подвлече дека ќе ја поддржи одлуката на двете земји, каква и да е, сè додека таа одлука придонесува за регионалната стабилност и не ги допира суверените права на соседните држави.

„Мојата главна улога како претседател на државата е да ги штитам националните интереси на мојата држава. Затоа бараме од меѓународната заедница кое било решение што ќе го постигнат Белград и Приштина да содржи гаранции за регионалната стабилност. За доброто на целиот регион, секако би сакале што поскоро да се постигне договор помеѓу Србија и Косово“, заклучи претседателот во своето обраќање на глобалниот безбедносен форум „ГЛОБСЕК 2020“.

Прашан за иницијативата „Мини Шенген“, претседателот Пендаровски повтори дека ја поддржува бидејќи иницијативата е автентична идеја на нашите држави и ќе придонесе кон економската соработка во регионот и креирањето на регионален пазар. Секако, кажа тој, крајната цел е целосна интеграција во Европската Унија на сите држави на западниот Балкан.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер

Лукаревска: СДСМ поднесе амандман за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор