Четиринаесеттата седница на Советот за безбедност денеска се одржа со двајца нови членови, односно премиерот Димитар Ковачевски кој доаѓа на место на поранешниот премиер Заев и министерката за одбрана Славјанка Петровска која доаѓа на местото на поранешната министерка Шекеринска, информира претседателот на државата, Стево Пендаровски.
По негова покана, на денешната седница биле присутни и директорите на Агенциите за разузнавање и за национална безбедност, како и началникот на Генералштабот на Армијата, кои не се дел од редовниот состав на Советот.
Пендаровски посочи дека на седницата се дискутирало за актуелните политички и безбедносни состојби во земјата, во регионот и пошироко – во т.н. евроатлантската зона на одговорност, со оглед дека сме членка на НАТО.
„На седницата се дискутираше и за тензиите во поширокиот регион, поточно на украинско-руската граница. Имајќи предвид дека станува збор за две држави кои граничат со таканаречената евроатлантска зона на одговорност, Северна Македонија како членка на НАТО беше должна да ги направи и ги направи, сите неопходни подготовки, повторувам, подготовки, за можните сценарија во зависност од тоа како ќе се одвива текот на настаните во наредниот период во тој дел од светот.
Ги поздравуваме дипломатските напори кои се одвиваат на различни нивоа, кои ги преземаат главните фактори во меѓународната заедница со кои им се дава шанса на дијалогот и на преговорите, а не на оружјето и на воинствената реторика.
Во тој дел од светот има мали, засега симболични знаци за деескалација на реториката во изминативе неколку денови, но сѐ уште е рано за прогнозирање како ќе се одвиваат настаните понатаму, затоа што во моментот тој дел од светот се уште останува потенцијално високо ризична зона“, нагласи претседателот Пендаровски.