Утрински Весник
Македонија

(Видео) Османи – Логар: Словенија со поддршка за старт на преговорите до крајот на годината

(Видео) Османи – Логар: Словенија со поддршка за старт на преговорите до крајот на годината

Министерот за надворешни работи Бујар Османи од денеска е во официјална посета на Република Словенија, на покана на министерот за надворешни работи на Словенија, Анже Логар.

Покрај развојот и потенцијалите на билатералните односи, во разговорот доминираа темите поврзани со европската агенда на Северна Македонија, новата методологија, тековните дискусии за преговарачката рамка за земјата, како и за нашите очекувањата за одржување на првата Меѓувладина конференција до крајот на годинава во рамки на германското претседателство со ЕУ.

„Да бидам искрен, нашите очекувања се високи. Сметам дека со право и ние, и граѓаните очекуваме финализација на преговарачката рамка и одржување на Меѓувладината конференција за време на Германското претседателство со ЕУ, со што и формално ќе ги започнеме пристапните преговори за членство со Унијата до крајот на оваа година“, истакна Османи, упатувајќи притоа благодарност до колегата Логар за континуираната и безрезервна поддршка која Словенија и ја пружа на Северна Македонија за нејзините европски амбиции.

„Ние сме свесни дека за оваа одлука, како и за многу наредни, ќе треба постојано да ја имаме поддршка од сите нашите пријатели внатре во ЕУ, вклучувајќи ги тука и нашите соседи Грција и Бугарија. Верувам дека по примерот и на другите земји кои пристапија во Унијата во последните две децении, како што е впрочем и Словенија, со позитивен пристап и отвореност ќе ги надминеме предизвиците и со нашите пријатели од Бугарија, и нема да дозволиме да биде загрозена европската перспектива на регионот“, истакна Османи, информирајќи го притоа министерот Логар за засилената активност на државата по ова прашање, изразена и преку неговата посета на официјална Софија, како и засилената активност на работата на Мешовитата комисија за историски прашања.

Министерот Логар ја реафирмираше силната поддршка на Словенија за нашите евро-интеграции и изјави дека организирањето на првата Меѓувладина Конференција до крајот на годината со нашата земја ќе претставува единствен логичен исход и валоризација на сите реформски напори на Владата на Северна Македонија и на нејзината конструктивна политика во односите со соседите.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Две мали деца се затруле со хемикалија во кумановско, пренесени на Детска клиника

„Макпетрол“ сè уште нема добиено официјално известување за намалување на набавната цена од добавувачот

ВМРО-ДПМНЕ: СДС го остави ЕСМ со загуба од 140 милиони евра, а сега глумат загриженост за струјата