Утрински Весник
Култура

(Видео) Одбележан значаен јубилеј: 45 години изучување на македонскиот јазик на московскиот универзитет „Ломоносов“

(Видео) Одбележан значаен јубилеј: 45 години изучување на македонскиот јазик на московскиот универзитет „Ломоносов“

Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со свечен настан го одбележа значајниот јубилеј 45 години изучување на македонскиот јазик, литература и култура на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“ – јубилеј којшто е исклучително значаен за македонистиката.

„Овде и денес се присутни дел од луѓето – лектори, некогашни и сегашни, предавачи и професори, коишто вистински се вградиле во работата на лекторатот по македонски јазик на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“, пред сè како кадри што излегоа од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Секако не смееме да ги заборавиме оние без кои ова немаше да се случи, а тоа се пред сè, академик Рина Павловна Усикова и нејзиниот руски ментор, професорот Самуил Борисович Бернштејн, како и нејзиниот македонски ментор, професорот Блаже Конески.

Овде и денес се присутни луѓето кои покажуваат дека мостот помеѓу двата универзитета, меѓу „Св. Кирил и Методиј“ и „М. В. Ломоносов“, меѓу Скопје и Москва, меѓу двете земји и двата народа, одлично функционира и до ден денес. Овде и денес се присутни луѓето кои се гаранција дека оваа врска ќе функцонира уште долго и дека ќе поврзува нови и нови генерации македонисти и слависти од двете земји.“ – истакна ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, во своето поздравно обраќање со коешто ја отвори свеченоста.

Н. Е. Сергеј Александрович Баздникин, амбасадор на Руската Федерација во РС Македонија го повтори ставот дека за руската научна мисла не постои никаква дилема околу постоењето, односно автентичноста и посебноста на македонскиот јазик како рамноправен јазик во големото семејство на (јужно)словенски јазици. И тој како и Н. Е. Оливера Чаушевска-Димовска, в.д. амбасадор на РС Македонија во Руската Федерација, изрази големо задоволство од ова одбележување. Имено, во рамките на овој јубилеј – 45 години од изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура на „Ломоносов“, како дел од големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на Конески, се случува и најновата генерација студенти, идни македонисти, и тоа десетта по ред.

На настанот се обратија и деканите на филолошките факултети од на МГУ „М. В. Ломоносов“и УКИМ, проф. д-р Андреј Александрович Липгарт и проф. д-р Анета Дучевска, а работниот дел на настанот го отвори директорката на МСМЈЛК, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

„Емил Бенвенист во вториот том од својата „Општа лингвистика“ пишува дека човек се раѓа двапати: еднаш од своите родители и еднаш во јазикот (…) а јазикот е култура и културата е – јазик! Во името на македонскиот јазик како култура денес се радуваме на еден исклучителен јубилеј – 45 години македонистика на Филолошкиот факултет при МГУ Ломоносов.

Она што го започна академик Рина Павловна Усикова, инаку долгогодишна учесничка и на летните школи и на меѓународните научни коференции одржани во рамките на МСМЈЛК во Охрид и авторка на повеќе од 100 научни публикации и уметнички преводи од македонски на руски јазик, успешно го допишуваат и академик Ала Шешкен и проф. д-р Елена Верижникова, заедно со лекторите избрани од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, како што тоа некогаш беа: проф. д-р Кирил Конески, проф. д-р Лилјана Минова-Ѓуркова, проф. д-р Илија Чашуле, проф. д-р Кита Бицевска, проф. д-р Красимира Илиевска, проф. д-р Максим Каранфиловски, проф. д-р Емилија Црвенковска, д-р Емил Ниами, Роза Тасевска…, и како што е сегашниот лектор м-р Марија Пандева. Денес сме исправени пред убавиот јубилеј на успешната приказна – 45 години изучување на македонскиот јазик, литература и култура на Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“, која ќе ја допишуваат студентите на најновата генерација македонисти, како и студентите на постдипломските и докторските студии кои се одлучиле својата надградба да ја остварат преку истражувања и пишувања на магистерски и докторски тези на теми од македонскиот јазик и литература.“ – истакна Мојсова-Чепишевска.

Со свои излагања, во работниот дел на настанот учествуваа: академик Ала Шешкен, проф. д-р Максим Каранфиловски, д-р Елена Верижникова, Роза Тасевска, м-р Марија Пандева и студентите по македонистика на Катедрата за словенска филологија на Московскиот државен универзитет – на сите нивоа, додипломски, постдипломски и докторски студии.

„45 години лекторатот по македонскиот jазик на Катедрата по славистика на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитете е значаен повод да им искажеме почит на лекторите, на тие несебично предани на професиjата луѓе, професори доjдени на нашиот факултет со длабоки знаења од областа на македонскиот jазик, на македонската литература, на раскошниот фолклор и култура на македонскиот народ. Во плодна соработка со нашите професори, пред сè со истакнатиот македонист Рина Усикова, лекторите по македонски јазик дадоа врвен придонес во успешниот развоjот на македонистиката на нашиот факултет и во нашата земjа. Нашите студенти (македонисти) вработени во различити државни структури, во Руската академија на науките (РАН), во Министерство за надворешни работи, на другите универзитети во Руската федерација покажаа исклучително солидна подготовка и направија многу успешна кариера. Секако, искажувам и голема благодарност до Меѓународниот Семинар за македонскиот jазик, литература и култура за соработката и помошта.

Во сегашните сложени услови на пандемиjата младата лекторка Мариjа Пандева успешно ја продолжува традициjата и е многу вешта во изнаоѓањето на новите аспекти во методиката на наставата по македонски јазик и книжевност.“ – истакна академик Шешкен во своето излагање.

По одбележувањето на овој јубилеј – 45 години изучување на македонскиот јазик, литература и култура на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“ во наредниот период ќе се случи и одбележувањето на уште еден јубилеј – 35 години изучување на македонскиот јазик, литература и култура на Истанбулскиот универзитет, а се планира и промоција на Зборникот од Првата зимска школа на МСМЈЛК – „Конески на 11 јазици“.

Сите настани се дел од годишната програма на МСМЈЛК при УКИМ, а се остваруваат во рамките на богатата програма посветена на големиот јубилеј на великанот Блаже Конески, како дел од Програмата на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, а во координација на Министерството за култура во соработка со Министерството за образование и наука.

Текстот (Видео) Одбележан значаен јубилеј: 45 години изучување на македонскиот јазик на московскиот универзитет „Ломоносов“ е превземен од МАКФАКС.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“