Објавени се првите снимки од долгометражниот игран филм „Денот на жената“ во режија и сценарио на Гоце Цветановски.
Станува збор за општествено-ангажиран филм кој се снимаше во октомври, минатата година, а фокусот на приказната е на трговијата со луѓе и присилната проституција.
Актерката Слаѓана Вујошевиќ ќе ја видиме во главната женска улога како истражувачка новинарка која се обидува да ја разбие мрежата и да ја разоткрие вистината.
Главните машки улоги ги толкуваат Муса Исуфи и Исмаил Касуми, актери од Кумановскиот театар . Дел од актерскиот тим се и Катерина Коцевска, Елени Декидис, Егзона Салиху, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Мендим Муртези и Авни Далипи.
Директор на фотографијата е Фејми Даут, кој беше еден од кинематограферите на номинираниот филм за „Оскар“ – „Медена земја“.
„Денот на жената“ е прв долгометражен филм на режисерот Гоце Цветановски. Тој студирал филмско сценарио и режија во Париз, каде живеел од 1998 до 2015 година. Има режирано и продуцирано околу 20 кратки филмови, прикажани на над 100 филмски фестивали во светот, освојувајќи бројни награди.
Филмот е снимен со поддршка на Агенцијата за филм.