Зоран Заев лажеше во судот – што е кривично дело. Затоа што кажа дека не знаел дека целокупниот врв на СДСМ на чело со тогашниот генерален секретар на партијата, тогашниот заменик претседател на партијата Радмила Шекеринска, министерот за здравство Венко Филипче, градоначалникот на Карпош Стефан Богоев и останати лица имале средби со Боки 13-ка. Значи сите тие имале средби ама според Зоран Заев тој не знаел. Тоа е првата лага која што ја кажа, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, на главната расправа на судењето по тужбата што Зоран Заев ја поднесе против него.
„Втората лага што ја кажа е дека ние денеска разбравме всушност дека посетите на домот на Боки 13-ка и оние снимки кои што ги видовме, всушност биле дел од активностите “врата до врата” на политичката партија СДСМ. Имено, како што одговори Зоран Заев тие имале редовни активности за посета на гласачи и на членови и симпатизери и така одејќи од врата на врата и Шекеринска и Кирацовски и Филипче и Богоев и останатите стасале на вратата кај Бојан Јовановски, а тој бил доволно гостопримлив да ги покани дома на кафе и ете случајно излегле снимки од таму“, рече Николовски.
Тој додае дека третата работа која што ја разбрал денеска на судењето е дека во Македонија не биле рекетирани бизнисмени од страна на врвот на СДСМ, туку ним им биле промовирани инвестиции.
„Имено, целокупниот врв на СДСМ бил во акција на промоција на стимулирање на инвестиции и како што кажа Зоран Заев, односно сите тие оделе кај овие бизнисмени да стимулираат инвестиции. Па, логичното прашање е како во корист на само еден човек оделе да стимулираат инвестиции, зошто некој обичен човек од улица не го земат за рака и да го однесат кај најмоќните бизнисмени во државата и да стимулираат инвестиции“, рече Николовски.