Утрински Весник
Свет

(Видео) Најголема безбедносна операција во поновата историја – зголемено полициско присуство пред самитот на НАТО во Мадрид

Околу 10.000 припадници на безбедносните сили се распоредени низ Мадрид пред денешниот почеток на дводневниот самит на НАТО. Самитот ќе ги собере шефовите на држави и влади на 30 земји-членки на НАТО и уште десетина лидери на земји партнери, во екот на војната во Украина, која ја предизвика најголемата безбедносна криза од Втората светска војна.

Денеска се планирани две работни сесии на ниво на шефови на држави или влади, а утре, на последниот ден од самитот, една работна сесија на највисоко ниво.

Големи полициски сили се распоредени во Мадрид како дел од најголемата безбедносна операција во поновата историја на Шпанија пред почетокот на самитот, на кој се очекува да има околу 5.000 учесници. Полицијата на коњ и пеш патролира низ градот, а воздушниот простор е заштитен со десетици хеликоптери.

Според шпанското Министерство за одбрана, борбените авиони и противвоздушната одбрана се во висока готовност. Информативните мрежи се под засилен надзор поради опасноста од сајбер напади.

Бидејќи делови од градот беа блокирани поради самитот, шпанските власти ги повикаа граѓаните на Мадрид да работат од дома во наредните денови.

Покрај лидерите на 30-те земји-членки на НАТО, на самитот беа поканети и лидерите на уште десетина земји, меѓу кои Австралија, Нов Зеланд, Јапонија, Јужна Кореја и Грузија. Засега не е потврдено дали украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе дојде на самитот или ќе им се обрати на учесниците на состанокот преку видео врска.

Во Мадрид се и лидерите на Шведска и Финска, земји кои аплицираа за членство во НАТО. На состанокот учествуваат и лидерите на ЕУ – претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Пред самитот во Мадрид, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изјави дека НАТО ќе го зголеми бројот на војници во состојба на готовност од околу 40.000 на повеќе од 300.000, пренесе „Ројтерс“.

На дневен ред на самитот е прашањето како рускиот напад врз Украина и новата безбедносна реалност во Европа влијаат на пристапот на НАТО кон одбраната и одвраќањето. Меѓу приоритетите се зголеменото влијание на Кина и безбедносните последици од климатските промени, како и други закани како тероризмот и нестабилноста во Северна Африка и Сахел.

Можете да прочитате

Макрон ја поздрави намерата на Кина да се воздржи од продажба на какво било оружје на Москва

Италијанскиот министер за одбрана Кросето ги повика западните земји да се ангажираат за преговори со Путин

Сијарто: Посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг на Унгарија е од историско значење