Утрински Весник
Македонија

(Видео) Муцунски: ВМРО-ДПМНЕ понуди резолуција за единство, СДСМ бара причини за разединување

(Видео) Муцунски: ВМРО-ДПМНЕ понуди резолуција за единство, СДСМ бара причини за разединување

На Република Македонија ѝ треба единство, не разединување. ВМРО-ДПМНЕ понуди резолуција за единство, СДСМ бара причина за разединување, истакна денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски.

Тој додаде дека Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ останува на предложениот концепт за единство на сите политички партии, зад текстот кој е, како што рече, создаден и напишан од врвните научни, образовни и општествени институции МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА.

„Не би сакале да веруваме дека зад одлуката на СДСМ стои оставање простор за пазарење со националните и државните интереси од највисок интерес, идентитетот, јазикот и националната засебност на македонскиот народ. Структурата на предложената Резолуција е концепт зад кој, за првпат, политичките партии може да најдат минимум простор за заеднички позиции. За националните и државните интереси треба да го најдеме тоа што нè обединува“, рече Муцунски.

„Фактот што СДСМ одлучи да го промени својот став по трет пат и да отвора теми кои не се поврзани со содржината на резолуцијата, за жал, ги ослабнува позициите на Македонија во  какви било идни разговори со Бугарија. Обврска на државниот врв е да обединува, а не да разединува. СДСМ го прави токму второто. ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати една одлично структуирана резолуција, зад која стои авторитетот на највисоките образовни и научни институции, да стане предмет на партиски калкулации и пазарења“, истакна пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него усвојувањето на резолуцијата е од исклучителна важност за забрзување на европската перспектива, зацврстување на државниот и националниот суверенитет на Република Македонија.

Додаде дека Собранието на Република Македонија во овие, како што ги нарече, критични моменти на развојот е повеќе од потребно да излезе со единствен државен став во поглед на прашања кои се од национално значење и кои се очекува да придонесат за непречениот развој на нашата држава, но и за унапредувањето на мирот, стабилноста и безбедноста на нашиот регион и Европа во целина.

„Наша заедничка оценка е дека на македонската дипломатија ѝ е потребна соодветна алатка во нејзините раце со која на меѓународната сцена ќе се грижи за целосна заштита на македонскиот идентитет, повеќе вековните историски традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, расна и етничка припадност, лингвистичко единство, етнокултурна посебност, колективен интегритет, религиски идентитет, заеднички економски живот и наративот за припадност на одреден и географски простор. Целта на резолуцијата не е да се поткопаат позициите на Република Македонија, туку да се помогне во насока на заштита на националните интереси, а токму оваа резолуција нуди компромисна содржина позади која може цврсто да се обедини целата македонска нација во заштита на македонскиот јазик и македонскиот национален идентитет“, потенцира Муцунски.

Можете да прочитате

Дали поради Христовски ќе се скараат Апасиев и носителот на Левица во ИЕ6?

Амбасадата на Србија најостро го осуди нападот на нејзиниот Конзулат во Куманово

ОЈО бара притвор за три лица за предизвикување меѓунационална омраза за вчерашните инциденти со македонското знаме