Утрински Весник
Македонија

(Видео) Маричиќ: Владата нема да се спогоди со апликантите во Стразбур

(Видео) Маричиќ: Владата нема да се спогоди со апликантите во Стразбур

Министерот за правда, Бојан Маричиќ, одржа прес-конференција, на која го искажа ставот на Владата на Република Северна Македонија во однос на апликациите поднесени до Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

„На 25 септември оваа година Европскиот суд за човекови права во Стразбур на одговор до Владата на Република Северна Македонија достави две групи со вкупно девет апликации поднесени против државата. Како што е веќе познато, обвинети во случаите, кои произлегоа од незаконското следење на комуникациите, односно од случаите на поранешното СЈО, поднесоа тужби пред судот во Стразбур повикувајќи се на аболицијата што во 2016 година ја прогласи тогашниот претседател на државата, Ѓорге Иванов“, рече тој.

При доставувањето на апликациите на одговор, Владата, според стандардната процедура на судот, има рок да се произнесе по нив до 18 декември оваа година, а тоа секако се однесува на можноста за спогодбено решавање на случаите. До истиот рок во однос на можноста за спогодување треба да се произнесат и апликантите, односно оние што ја тужат државата.

„Владата ја разгледа и усвои информацијата за можноста за спогодбено решавање на деветте предмети против нашата држава, а се однесуваат на тековни кривични постапки во врска со незаконското следење на комуникациите. Владата го задолжи владиниот агент во предвидениот рок да го извести судот во Стразбур дека Владата нема да ја користи можноста за спогодување со подносителите на тужбите против државата. Проектот ‘Вистината за Македонија’ беше оној што иницира силни општествени, политички и правни промени во државата, па затоа потребно е граѓаните да имаат можност и во правна смисла на зборот да ја дознаат вистината и сите оние што евентуално сториле криминал или ги прекршиле законите да одговараат за своите дела.
Државата е обврзана на граѓаните да им обезбеди правда. Ние не сакаме и нема да прејудицираме дали некој е виновен, но ќе сториме сè што е во согласност на законите, сите за кои има сомнежи дека го прекршиле законот, преку соодветна правна постапка да се докаже дали се виновни или не“, вели министерот за правда.

Дополнително, според него, процесирањето на кривичните постапки што произлегоа од незаконското следење на комуникациите, вклучително и оние што се предмет на апликациите поднесени до судот во Стразбур, станаа и еден од критериумите според кој се вреднува напредувањето на државата во процесот на европските интеграции, степенот на владеењето на правото. Имено, и во последниот извештај на Комисијата како успех се забележува продолжувањето на постапките на сега згаснатото СЈО, преку кои се утврдува одговорност за злосторствата што произлегуваат од и за незаконското прислушување. Овој континуитет на постапките го овозможи новиот Закон за Јавното обвинителство за кој гласаа две третини од пратениците во Собранието.

„Дополнително, во делот на борбата против корупцијата, клучните препораки на Комисијата се да покажеме повеќе опипливи резултати во борбата против криминалот, односно да се зголеми бројот на конечни пресуди за случаите на висока корупција, вклучително и конфискација на имот стекнат со криминал. Сакам да потсетам дека во прогрес-извештајот на истата оваа Комисија во 2016 година најмногу се споменува терминот ‘заробена држава’, а на целосното расчистување на случаите, кои подоцна произлегоа од работата на поранешното СЈО, се гледа како на процес за ослободување на државата. Помилувањата на поранешниот претседател Иванов беа дадени спротивно на домашното право и како такви беа извор на правна несигурност и директен повод за големо незадоволство кај граѓаните.

Нивното поништување, пак, беше своевидно повторно воспоставување на нарушената правна рамнотежа. Владата е должна ваквиот став да го брани и застапува пред судот во Стразбур, а преку своите аргументи да му даде можност на судот да ги оцени упатувајќи со тоа уште една силна порака дека оваа Влада не е подготвена да прогласи врвна неказнивост. Ние немаме друга алтернатива, освен да останеме конзистентни на сопствените политики и заложби за неселективна правда, што секако нема никаква врска со пресумцијата на невиност на обвинетите“, додаде тој.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Минчев: Имаме преголема и пребавна јавна администрација, работиме на нејзино кратење

Кичево – Охрид ќе биде завршен до крајот на 2026 година, ветува Николоски

ВО МАКЕДОНИЈА ДОАЃА ГОЛЕМ ВЛАЖЕН И ЛАДЕН ЦИКЛОН: Ќе донесе многу дожд, снег и снежна покривка од над 40 сантиметри!