Утрински Весник
Свет

(Видео) Макрон го прослави отворањето на рестораните во Франција: пиеше кафе со премиерот

(Видео) Макрон го прослави отворањето на рестораните во Франција: пиеше кафе со премиерот

Од денес, француските кафулиња и ресторани имаат дозвола повторно да ги послужуваат гостите на отворено, по шестмесечна блокада, а францускиот претседател Емануел Макрон исто така го „прослави“ повторното отворање, пиејќи кафе во друштво на премиерот Жан Кастекс.

„Еве сме! Тераси, музеи, кина, театри. Да ги откриеме повторно работите што ја сочинуваат уметноста на живеењето“, напиша Макрон на својот профил на „Твитер“, кој пиеше кафе во кафуле во близина на Елисејската палата, пренесува „Ројтерс“.

Како дел од ублажувањето на мерките воведени за борба против коронавирусот, во Франција, од денес, на шест лица им е дозволено да јадат заедно на отворените тераси на ресторани.

Полицискиот час исто така е поместен и започнува во 21.00 часот, а не во 19.00 часот, пренесува „Би-би-си“.

Сепак, иако се отвораат барови и ресторани, нема да им биде дозволено да работат во затворено.

По неколку месеци затворање, покрај рестораните, кафулињата и продавниците ќе бидат отворени и кина, театри, музеи и спортски објекти. Кината и театрите ќе работат со 35 проценти од капацитетот и ќе можат да примат максимум 800 лица.

Некои медицински експерти во земјата изразија загриженост за бројот на нови случаи на дневна основа, кој сега во просек се движи околу 13.000, но е многу помал отколку кога бројот на новозаболени беше над 40.000 минатиот месец.

 

Можете да прочитате

Уште една европска земја воведува туристички такси

Путин: Ако Киев стане нуклеарна сила, Русија ќе го употреби целото свое оружје против Украина

Во Велика Британија почна судски процес против тројца Бугари обвинети за шпионажа за Русија