Култниот берлински паб „Ständige Vertretung“ (Постојано претставништво) им забрани влез на германската канцеларка Ангела Меркел, на министерот за финансии Олаф Шолц и на други водечки политичари поради најавеното привремено затворање на сите угостителски објекти, што стапи на сила денес, пренесува „Шпигел“.
Сопствениците на пабот, Јорн Петер Бринкман и Јан Филип Бубингер, го соопштија тоа во видеопорака објавена на „Фејсбук“.
Сопствениците на берлинскиот паб ги сметаат германските политичари, предводени од Меркел, одговорни за воведување строги мерки насочени кон спречување на ширењето на коронавирусот.
Сопствениците на други ресторани исто така се револтирани од воведувањето карантин во Германија, со што се забранува работење на угостителски објекти. Тие се повикуваат на резултатите од истражувањето на институтот „Роберт Кох“, според кое шансите за инфекција во слични угостителски објекти не надминуваат три проценти.
Според нив, владата не била добро подготвена за вториот бран на епидемијата на коронавирус.
Бринкман и Бубингер во видеото истакнуваат дека меѓу нивните гости има многу политичари.
„Некои од истите овие политичари решија повторно да затворат ресторани и да ни забранат да работиме. Ги ставаме веднаш на црната листа. Нема да бидеме среќни да им служиме на канцеларката Ангела Меркел, министерот за финансии Олаф Шолц, баварскиот премиер Маркус Содер, градоначалничката на Берлин, Михаела Милер“, рекоа тие, повикувајќи ги своите колеги да се приклучат на нивниот потег.
Во видеото тие им велат на Ангела Меркел и на другите политичари повеќе да не се надеваат на свинска коленица од нивната кујна.