Губитникот Христијан Мицкоски, главниот кочничар на сите процеси кои ја носат државата напред, реди порази во низа. Мицкоски многупати покажа дека нема никаков капацитет за заедништво, ниту сака да придонесе за доброто на државата, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„ Слепо воден од наредбата да го брани криминалот на Мијалков и на Груевски, Мицкоски од петни жили ја кочеше правдата во државата. Им служеше на тие кои го поставија. Застана против Законот за Јавно обвинителство, против правна разврска на предметите од СЈО, но не му успеа. Мицкоски беше поразен, патот на правдата е чист, изречени се и судски пресуди.
Мицкоски работеше против референдумот и се обиде да го закочи напредокот кон НАТО, кон ЕУ. И повторно беше поразен. Станавме 30 земја членка на НАТО, Мицкоски не успеа.
Мицкоски ќе остане запаметен како единствен, осамен, во македонското Собрание кој не ракоплескаше на големиот успех кога Република Северна Македонија стана 30-та земја членка на НАТО“ истакна Кузеска.
Таа додаде дека преку своите министри и заменици министри во техничката Влада, Мицкоски работел на штета на институциите кои се бореа со вирусот. Според неа, ниту во време на светска здравстена криза, кога државата почнува да живее тешки денови, Мицкоски не покажал капацитет за сплотеност, за заедничка работа во интерес на граѓаните и придонес за државата.
„ Напротив. Мицкоски правеше се да ги поткопа напорите на здравствените работници, на надлежното министерство, на Владата, ширејќи лажни вести со цел да создаде паника кај населението. Дрско и кукавички седејќи во белата палата, го злоупотребува Собранието преку своите пратеници, да ги кочи сите важни процеси за иднината на државата. И повторно беше поразен. Мицкоски со месеци ги лажеше граѓаните за неговата фатаморгана дека има мнозинство и ќе стане премиер. Неговите нечесни лаги се распрнаа како меур од сапуница, Мицкоски доживеа уште еден дебакл во Собранието, кога се изгласа доверба на Владата предводена од Зоран Заев“ рече Кузеска.
Таа порача дека од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ очекува да го прекинат синџирот на деструктивните желби на Мицкоски и да застанат на страната на граѓаните и на државата.