Филмот „Убедување“ (Persuasion), базиран на истоимената книга од Џејн Остин во продукција на „Нетфликс“, ја доби неславната етикета од критичарите и новинарите „најлоша адаптација“ на дело на оваа англиска авторка.
Филмот е во режија на Кери Крекнел, а Дакота Џонсон ја има главната улога. Таа ја портретира Ана, која беше свршена со поморскиот офицер Фредерик Вентворт. Двојката беше свршена додека пријателката на Ана, Лејди Расел, не ја убеди Ана дека е „недостоен“ за брак со неа. По осум години, Вентворт се враќа како богат капетан, а нејзиното семејство е на работ на банкрот.
„Сега може да се зборува за филмот ‘Убедување’, па можам слободно да кажам дека тоа е најлошата адаптација на Џејн Остин што некогаш сум ја видела. Апсолутно непростливо. Откажете го Нетфликс! Откажете ја Дакота Џонсон!“, напиша филмската критичарка Морган Ли Дејвис за филмот кој ‘Нетфликс’ го најавува со недели.
Нејзиното мислење го делат и други критичари. Брајан Винер од „Дејли мејл“ го нарече „мачење“ и додаде дека постојаното гледање на Ана во камерата, односно кон публиката, покажува недоволно разбирање на книгата.
Венди Ајд од „Гардијан“ го нарече филмот „травестија“, а Тим Роби од „Телеграф“ нагласи дека филмот „речиси целосно се коси со она што требаше да му биде изворен материјал“.
Досега само критичарите и новинарите имаа можност да го гледаат филмот, а ќе биде достапен на „Нетфликс“ од петок, 15 јули.