Утрински Весник
Македонија

(Видео) Ковачевски: Земјата е безбедна како членка на НАТО, за економските предизвици сме подготвени

(Видео) Ковачевски: Земјата е безбедна како членка на НАТО, за економските предизвици сме подготвени

Премиерот Димитар Ковачевски денеска социјалните мрежи се обрати до јавноста.

Во обраќањето тој се осврна на стабилноста и безбедноста на државата, економските импликации од продлабочувањето на кризата, како и на активностите и мерките кои Владата ги презема со цел да ги ублажи и амортизира негативните последици од кризата.

„Воената агресија на Русија против Украина која веќе однесе многу човечки животи е чин кој силно го осудуваме. Тоа е кршење на меѓународното право и е закана за евроатланската безбедност. Уште еднаш сакам да посочам дека заедно со сојузниците бараме итен прекин на воените дејствија. 21-иот век треба да е век на дијалог, не на војни“, истакна премиерот.

На граѓаните им порача дека треба да бидат спокојни, бидејќи како членка на НАТО, ние, како што рече, ја уживаме и можеме да сметаме на заштитата која ја нуди најмоќниот одбранбен сојуз во светот.

„Во вакви услови на голема безбедносна дестабилизација, сфаќаме колку е значајно, да сме дел од најмоќниот воено-политички сојуз. Затоа, ве уверувам, нашата земја е безбедна“, нагласи Ковачевски.

Сепак, премиерот додаде дека поголемите предизвици кои стојат пред нас, се економски.

„Нѐ очекува неизвесна година каде економијата во Европа и светот ќе претрпи штети. Очекуваното глобално влијание врз покачување на цените на основните прехранбени производи и енергенсите што би значело продлабочување на постоечката енергетска криза, е нешто за кое ние како Влада сме апсолутно подготвени и ќе одговориме соодветно.

Сите мои секојдневни разговори со членовите на Владата се фокусирани на следењето на состојбите со струјата, гасот, енергетиката и економијата, како во земјата, така и во регионот. Посветено работиме на мерки за да го намалиме притисокот врз граѓаните, домаќинствата и стопанството“, увери премиерот а на институциите им порача максимално одговорно да ги трошат средствата и максимално ефикасно да работат со цел амортизирање на негативните последици.

Можете да прочитате

Во Амбасадата на САД во Скопје одбележани 250 години од американската независност

Зулфикар Зејнулах предложен за министер од ТДП 

Возач од Тетово уапсен: Возел 177 км/ч на делница со ограничување од 80 км/ч