Утрински Весник
Македонија

(Видео) Инаугурација на Претседателскиот центар за политичко образование

Денеска во хотелот „Хилтон“ во Скопје се одржа инаугуративен настан на Претседателскиот центар за политичко образование, еден од клучните проекти во изборната програма на претседателот Стево Пендаровски, кој се реализира во насока на заложбите за јакнење на демократските политички вредности, промоција и заштита на човековите права и слободи, политичкиот плурализам, меѓусебната толеранција, заедништво и солидарност.

На настанот, свое обраќање имаше претседателот Пендаровски, на кое претходеше официјално потпишување на меморандум за соработка помеѓу Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија и партнерските фондации и организации: фондацијата „Фридрих Еберт“ за Северна Македонија, Меѓународниот републикански институт (ИРИ), фондацијата „МК2025“, фондацијата „Конрад Аденауер”, фондацијата за демократија на Вестминстер во Северна Македонија и Националниот демократски институт (НДИ).

На инаугуративниот настан на Претседателскиот центар за политичко образование се одржа и дебата на тема: „Иднината на демократијата – младите во политиката и општеството“, на која учествуваа млади луѓе од граѓанскиот сектор.

„Македонското општество се одликува со висока конфликтност и со поделби по повеќе основи. Легитимните политички разлики, како суштински елементи на политичкиот плурализам, наместо да бидат основа за отворен и конструктивен политички дијалог, за жал, станаа причина за длабока нетрпеливост и пречка за соработка меѓу политичките субјекти во исполнување дури и на нашите клучни државни приоритети. Во изминатите три децении од независноста минавме низ бројни политички кризи. На почетокот, причината беше недостатокот на базично политичко искуство и потребата да научиме како функционира демократијата.

Но, во изминатата деценија, по 20 години демократско искуство, ни се случи толку силна поларизација која државата ја доведе до работ на граѓански конфликт. Партизацијата на институциите, приватизацијата на јавниот интерес, дискриминацијата наместо прифаќањето на различностите, особено во тие години, беа нашата реалност која негативно влијаеше врз развојот на државата и ги уништуваше перспективите за пристоен живот на нашите граѓани. И денес, за жал, голем број истражувања покажуваат изразени тенденции кон авторитарни политички ставови кај значаен дел од младата генерација. Таквото назадување во демократскиот развој е очекувана последица од перманентната криза на политичките институции и ниското ниво на доверба на граѓаните во нив“, рече Пендаровски.

Спиред него, да се живее во демократски политички поредок е привилегија која сè уште е недостапна за милијарди луѓе во светот. Но, демократијата не може да опстане доколку не вложуваме во изградбата на демократска свест, во едуцирање за демократските процедури и вредности, и во граѓанската толеранција и помирување. Одамна е познато дека најисплатливата долгорочна инвестиција во едно општество е инвестирањето во образованието. За да имаме стабилна демократија, за да имаме идни генерации на демократи, мораме да вложуваме во образованието кое е втемелено во демократските вредности. Токму таа потреба ме поттикна да започнам една ваква иницијатива за која искрено се надевам дека во следниот период ќе добие поширока општествена поддршка.

„Во периодот што следи е планирана реализација на едукативни настани, дебати за важни општествени прашања, научни конференции, стручни дискусии, како и школа за политика, со еминентни предавачи и тренери од земјата и од странство. Верувам дека со работата на Центарот ќе придонесеме за промоција на културата на дијалог и ќе влијаеме во реформата на образованието преку сеопфатно вклучување на политичкото образование во нашиот формален и неформален образовен систем. Водени од визијата за јакнење на демократијата, промоција и заштита на човековите права и слободи, политичкиот плурализам, меѓусебната толеранција и солидарност, убеден сум дека заеднички ќе ја постигнеме целта“, додаде тој.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Филипче: Започнуваме веднаш со работа, најавувам посета на сите општински организации 

СТУДЕН ЦИКЛОН НАД МАКЕДОНИЈА: Од овој петок, како и за време на викендот, многу дожд, снег и голема снежна покривка од над 50 сантиметри!

Македонска филхармонија го слави јубилејот со концертот „80 години – Љубов!“