Овој викенд имало разговори помеѓу владини преставници на Бугарија и Македонија кои се одвивале во Софија, рече денеска на прес-конференција Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, овие информации ги потврдил и Зоран Заев во изјава за домашните медиуми, цитирајќи го премиерот:
„На ниво на работни групи под раководство на нашиот и бугарскиот министер за надворешни работи се разговара“, ги пренесе Андоновски зборовите на Заев.
Како што вели претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, од тоа може да се заклучи дека високи функционери викендов биле во директни преговори со соседна Бугарија.
„Очекуваме јавен одговор на прашањето – кој и што преговарал викендов во Софија? Дали се преговара дека Македонците се преобразени Бугари или нео-Југословени? Дали ние сме вештачка творба? Дали македонскиот јазик има или нема бугарски корени? Дали трговецот – премиер во заминување Заев на овој начин ја продава Македонија и за какви интереси? Зошто оваа средба се држи надвор од очите на јавноста? Зошто Костадинов лажеше дека нема средби кога неговиот лидер потврди дека имало?“, запраша Андоновски.
Како што рече тој, Заев го смета македонскиот народ за експериментална нација, која може да прифати сè што ќе и се сервира на маса.
„Прифаќајќи патокази и анекси, Заев го поплочува патот кон поразот на македонскиот идентитет. Ветувања кои се давани кај високи функционери во Софија, сега мора да ги испорачаат“, вели претставникот на опозициската партија.
Тој го повикува македонскиот народ на масовни протести.
„Продолжуваме, сите заедно за да не биде предоцна. Да излеземе на улиците, почитувајќи ги здравствените мерки и заштитувајќи се себеси и најблиските, и на мирен и демократски начин, да им покажеме дека сме горди, достоинствени Македонци кои не отстапуваат од своето“, рече Андоновски и повика граѓаните денеска да се приклучат на протестите во Свети Николе, Крива Паланка, Кратово, Струмица, Гевгелија, Неготино, Крушево, Македонски брод, Кичево, Гостивар и Струга.