Скопје, 30 јуни 2020 (МИА) – Лидерите на верските заедници во земјава упатија едногласен апел до сите граѓани за одговорен однос кон себеси и ближниот, а опасноста од вирусот да ја сфатат како реална и сериозна по животот и здравјето. Тие повикаа и на мирни, слободни и демократски избори во интерес на иднината на државата, соопшти Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи по денешната средба на лидерите на верските заедници кои се спомнати во Уставот на Република Северна Македонија.
На средбата која се одржа на покана на директорот на Комисијата, Даријан Сотировски, присуствувале поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, г.г. Стефан; в.д. реис-ул-улема на Исламската верска заедница, Шаќир еф. Фетаху; бискупот на Католичката црква, монсињор Киро Стојанов и суперинтендентот на Евангелско-методистичката црква, Марјан Димов. Од оправдани причини отсуствувала претседателката на Еврејската заедница, Берта Романо Николиќ.
Како што соопшти Комисијата, верските лидери имале опсежна дискусија имајќи ја предвид сериозноста на заканата од пандемијата предизвикана од коронавирусот и го оцениле достоен за почит и пофалба неуморниот труд на лекарите и на медицинскиот персонал при справувањето со вирусот.
– Верските лидери споделија размислувања за предизвиците кои сите нè очекуваат во иднина, но и за сето она што во изминатиот период можеше да се стори поинаку или, пак, повеќе, како конкретен придонес во справувањето со оваа сеопшта неволја, соопшти Комисијата за средбата на духовните лидери.
Според нив, најсоодветниот израз на благодарност за подвигот на здравствените работници треба да се покаже на дело – со почитување на изречените мерки од надлежните институции.
Бидејќи се наоѓаме во предизборен период, верските лидери апелирале и за мирни, слободни и демократски избори во интерес на иднината на државата, а разговарале и за важноста од постојано негување култура на толеранција, висока духовност, почит и етичност во односите меѓу конфесиите и во односите со јавноста на сите верски субјекти.
Верските лидери на средбата му го честитале изборот на новиот поглавар на ИВЗ, посакувајќи му успешна работа во одговорната раководна дејност во својата заедница. Ја потенцирале и важноста од отворањето на можноста за натамошна соработка во ваков формат. хс/сп/