Утрински Весник
Македонија

„Вело е кога има сѐ“ – Град Скопје со кампања за промовирање на велосипедизам

„Вело е кога има сѐ“ – Град Скопје со кампања за промовирање на велосипедизам

Како една од активностите предвидени со Планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај 2019 – 2021, Градот Скопје спроведува кампања за промоција на велосипедскиот сообраќај, преку која ги потсетува граѓаните за придобивките од користењето на велосипедот како превозно и рекреативно средство.

Кампањата се реализира под мотото „Вело е кога има сѐ – најздраво, најбрзо и најпаметно“.

На повеќе локации во Скопје деновиве се поставени билборди кои ги поттикнуваат граѓаните да го изберат велосипедот како најздраво, најбрзо и најпаметно превозно средство во градска средина.

„Градот Скопје во континуитет работи на подобрување на велосипедската инфраструктура во Скопје, а годишно се градат над 15 километри нови или се реконструираат постојни велосипедски патеки. Како резултат на посветената работа, годинава ја надминавме должината од вкупно 100 километри велосипедски патеки во Скопје. Особено внимание се посветува и на ослободување на просторот на пешачките и на велосипедските патеки, преку поставување заштитни столпчиња. Дополнително, во голема акција, целосно се отстранети несоодветно поставените билборди и реклами од велосипедските патеки во Малиот ринг, со што се стимулира користењето на велосипедот“, велат од Град Скопје.

Како една од мерките за стимулирање на користењето велосипед е доделувањето субвенции за граѓаните за купување велосипеди, што ќе се реализира и оваа година, а јавниот повик треба да се распише во наредниот период. И годинава граѓаните ќе можат да доставуваат фискални сметки за купен велосипед од почетокот на годината, поточно од 01.01.2021 година. Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50% од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, а јавниот повик ќе се спроведува по принципот „прв дојден – прв услужен“.

Во Буџетот на Град Скопје за 2021 година за оваа намена се предвидени 8,5 милиони денари, со што и годинава ќе се доделат субвенции за околу 2.800 велосипеди. Во 2018, 2019 и во 2020 година, Град Скопје додели над 10.000 субвенции за граѓаните што купија велосипед.

 

Можете да прочитате

Заплена на нелегални дрва, приведен и вработен од „Македонски шуми“

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме