Велес, 11 март 2020 (МИА) – На најновиот повик од ИПАРД 2 за мерката 1 досега се пријавиле 20 апликанти од велешкиот поширок регион во кој освен Општина Велес, се вклучени и земјоделци од Општина Градско и Општина Чашка. Повикот започна на 29 февруари и ќе трае до 14 април.
Како што појаснува за МИА,Тони Тасков од Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој, земјоделците пројавиле голем интерес за набавка на секаков вид на земјоделска приклучна механизација.
Тој информира дека најголем дел од апликантите кои досега се пријавиле се од реонот на Градско и селото Виничани во оваа општина.
Тасков појаснува дека еден од условите е земјоделците да имаат минимум еден хектар земјоделска површина. Како новина е што во земјоделски култури, од годинава влегува и луцерката, па така и земјоделците кои произведуваат луцерка може да аплицираат за оваа ИПАРД мерка.
-За разлика од порано годинава при аплицирањето се земаат во предвид оние земјоделци апликанти што ги приложиле комплет сите документи во апликацијата, а ако немаат макар и еден документ, истите нема да се замаат во обзир, потенцира Тасков.
Тој информира дека земјоделците прво треба да купат приклучна механизација, а потоа им се враќа поголем дел од инвестицијата од 60 до 70 проценти.
-Ако е млад земјоделец ќе добие 65 проценти од инвестицијата, а ако живее во планинско подрачје над 700 метри,земјоделецот преку Ипард 2 мерка 1 ќе добие назад 70 проценти од вложеното, информира Тасков. ад/аа/