Премиерот на Албанија, Еди Рама попладнево заедно со министерката за енергетика и инфраструктура, Белинда Балуку и комесарот за проширување на Европската унија, Оливер Вархељ, го посетија „Бипас“ на Валона – проект финансиран од Европската унија преку грант од 20 милиони евра.
За време на својот говор, Рама на прес-конференција му се заблагодари на комесарот за помошта што и ја дал на Албанија, додавајќи дека ќе продолжи да го прави истото.
Рама се задржа и на процесот за членство на Албанија во Европската унија, каде што рече дека земјата ги завршила сите свои задачи и дека сега се чека одобрување на францускиот предлог од македонска страна.
На истата тема зборуваше и Вархељ.
„Нашите очи и уши се вперени кон Скопје и мора да водиме демократска дебата. Видовте дека претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен даде директен придонес. Нека се развие дебатата и потоа да ги кажеме нашите позиции“ – изјави тој.
Според Вархељ направено е се за да дојде до првата меѓувладина конференција.
„Верувам дека следната недела ќе биде неделата што толку долго ја чекавме“ рече тој, а на Албанија и порача – едноставно да чека.