Утрински Весник
Македонија

Бројот на заразени со коронавирус 760 лица, МАНУ прогнозира пикот да биде на почеток на мај со 1.100

Бројот на заразени со коронавирус 760 лица, МАНУ прогнозира пикот да биде на почеток на мај со 1.100

Скопје, 12 април 2020 (МИА) – Бројот на лица заразени со вирусот Ковид-19 во земјава се зголеми на 760 лица, откако вчера беа регистрирани 49 нови случаи, додека две лица починаа.

Од новозаболените, 13 се во Скопје, 14 во Куманово, шест во Штип, осум во Прилеп, шест во Велес и по еден во Гостивар и во Кочани.

Министерството за здравство вчера соопшти дека на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје почина еден пациент (73 години) од Прилеп, примен на болнички третман  на 1 април, а во Куманово на Клиниката за хематологија почина новодијагностициран пациент (76 години).

До вчера до 15 часот според објавената статистика – 760 заболени, 41 излечени, 34 смртни случаи и 685 активни случаи на коронавирус.

Досега во земјата се направени 7.653  тестирања на Ковид-19.

Според местото на живеење, досега во Скопје се регистрирани 297 заболени, Куманово – 18, Дебар – 49, Штип-27, Прилеп –58, Тетово – 31 Струга – 33,Велес – 24,Битола –8, Охрид –4, Кавадарци – 3, Гостивар –7, Гевглелија – 4, Струмица – 2, Крива Паланка-3, Радовиш – 4, Крушево – 3, Кочани – 20,Пробиштип – 1.

Иако здравствените власти предвидуваат врвот на епидемијата да биде кон крајот на април со околу 2.000 заболени, експерти на МАНУ вчера излегоа со предвидување дека максималниот број инфицирани од коронавирус во земјава се очекува да се случи во почеток на мај со околу 1.100 заразени.

Претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев информира дека заедно со м-р Петар Јовановски изучувале модел преку кој ја добиле речиси истата слика со која сега се соочуваме во реалноста за бројот на заболени со КОВИД-19 и на смртни случаи.

Според нивното истражување, овие резултати се пооптимистички во однос на предвидувањата на здравствените власти дека врвот на епидемијата ќе се случи кон крајот на април со околу 2 000 заразени.

– Сакам да подвлечам дека моделите, иако не се најточни, содржат претпоставки и апроксимации, и градат можни сценарија, сепак, се моќна алатка за разбирање на неизвесното и помагаат при донесување правилни одлуки, вели Коцарев за порталот Факултети.мк.

Тој потенцира дека бројките на заразени и починати добиени со нивниот модел се речиси идентични со актуелните бројки.

Моделите кои се користеле во МАНУ се предложени од Империјал колеџот во Лондон и Универзитетот „Оксфорд“.

– Во првата класа на модели, именувани како Bayesian хиерархиски модели, се користат методи од статистика и машинско учење, додека втората група на модели, познати под името обопштени SIR (Susceptible-Infected-Recovered) модели, се базираат на теоријата на динамички системи… Во моделот се внесени податоци до 8 април 2020 година и за 9 април моделот предвидува вкупно 669 заразени, додека според реалните податоци тој број изнесува 663, пишува Коцарев за Факултети.мк.

Тој напоменува дека сепак ова се прелиминарни резултати и се однесуваат само на еден модел.

– Прелиминарните резултати на овој и другите модели, несомнено, укажуваат дека сме на добар пат во сузбивањето и намалувањето на епидемијата во нашата држава, додава претседателот на МАНУ.

Во меѓувреме, Министерството за здравство демантираше дека мајката и синот од Велес се починати повеќе од еден месец, како што објавија дел од медиумите.

По наодот дека велешанката, која со својот син беше пронајдена мртва во нивниот дом пред два дена, е позитивна на коронавирус, Министерството за здравство информира дека ја проширува истрагата во која се вклучуваат повеќе институции, посочувајќи дека информациите оти тие биле починати повеќе од еден месец не се точни.

Министерството за здравство соопшти дека денеска во Институтот за јавно здравје се прави уште една анализа на материјалот кој е земен од трахеата за да се потврди позитивниот резултат на коронавирус.

Според Министерството, што се однесува до останатите првични информации за случајот, засега се знае само дека жената била сигурно почината повеќе од една недела.

– Резултатите од обдукцијата, кои ќе бидат готови во текот на следната недела, треба да откријат во кој период таа починала. Информациите кои вчера ги пренесоа дел од медиумите дека биле починати повеќе од еден месец не се точни и се чекаат конечните анализи, наведува Министерството.

Во исто време, вчера продолжија и препукувањата меѓу Министерството за здравство и ВМРО-ДПМНЕ околу заштитната опрема на медицинскиот персонал.

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев обвини дека медицинскиот персонал се соочува со недостиг на заштитна опрема. – Лекарите и медицинските сестри немаат скафандери и во ек на пандемија со заразна болест се движат како во нормални услови… недостасуваат и визири, ракавици и заштитни маски. Лекарите и медицинскиот персонал се буквално голораки, а нивното здравје е ставено на коцка. Ова не прави ранливи како држава, рече Јанушев.

Тој побара итно да се одвои фонд од 10 милиони евра, што ќе биде наменет за набавка на заштитна опрема.

Министерот за здравство Венко Филипче реагираше, посочувајќи дека одговорно тврди дека ништо не недостасува, а има и доволни количини во резерва.
– Игор Јанушев, исто како и Мицкоски се обидува да ја изманипулира јавноста. Минатиот пат, Мицкоски свесно манипулираше дека нема тестови, а овој пат лагата е дека нема заштитна опрема за медицинскиот персонал. Минатата недела е направена инспекциска контрола во 79 здравствени установи од страна на Државниот здравствен и санитарен инспекторат и во ниедна не е забележан недостиг на опрема, напиша Филипче на Фејсбук.

Истакнува дека дополнително, во тек е набавка за дополнување на резервите за што е распишана покана за јавна набавка објавена на веб-страницата на Министерството за здравство и тоа за: 12.000 маски N95 или сличен стандард, 20.000 скафандери, 500.000 хируршки маски, 5.000 визири и 1.200 гумени скафандери.

-Не ја разбирам потребата постојано да се лаже и манипулира јавноста на тема која и онака ги држи граѓаните во страв и неизвесност. Ова однесување на опозицијата не носи добро никому и многу одмага во борбата со коронавирусот, објави Филипче на својот Фејсбук профил. нд/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Министерот Љутков и комесарот Токура: Преку Меморандумот за соработка ги зближуваме македонската и јапонската култура

Лимани: Непријавувањето на насилството од страна на жртвите е еден од најсериозните проблеми

Учество на Муцунски на десеттата годишна конференција „Медитерански дијалог” во Рим