Утрински Весник
Свет

Британците тврдат дека Русите се вмешале во шкотскиот референдум, а можеби и во брегзит

Британците тврдат дека Русите се вмешале во шкотскиот референдум, а можеби и во брегзит

Русија се вмешала во шкотскиот референдум за независност во 2014 година, а британската влада не барала потемелна истрага за можното влијание на Кремљ врз гласањето за брегзит, се вели во извештајот на британскиот парламентарен одбор.

„Постојат уверливи индикации од отворени извори кои укажуваат на тоа дека Русија започнала кампања за да влијае врз шкотскиот референдум за независност во 2014 година“, се вели во извештајот на Одборот за разузнавање и безбедност на британскиот парламент, кој беше завршен во март 2019 година, но дури сега е објавен.

Во извештајот се додава дека има индикации дека Русија се обидела да влијае на кампањата за брегзит, но дека британската влада не барала посилни докази за руско мешање. Во извештајот Русија се опишува како непријателска сила што претставува значителна закана за Велика Британија и Западот на голем број фронтови, од шпионажа и сајбер-војни, до мешање во изборни процеси и перење пари.

„Се чини дека Русија ја смета Велика Британија за една од своите највисоки западни разузнавачки цели“, се додава во извештајот.

Британската влада го отфрли повикот на парламентарната комисија да започне темелна истрага, тврдејќи дека нема докази за успешно руско мешање во референдумот за брегзит.

„Не видовме докази за успешно мешање во ЕУ-референдумот. Ретроспективна истрага за ЕУ-референдумот не е неопходна“, стои во одговорот на владата во врска со извештајот.

Во извештајот на парламентарната комисија, објавен на веб-страницата на свиркачите „Гвидо Факес“, се вели дека владата не сака подлабоко да ја испита улогата на Русија на референдумот.

Кремљ во неколку наврати рече дека никогаш не се мешал во изборните процеси на ниту една земја и ги прогласи западните обвинувања во таа смисла за антируска хистерија во Велика Британија и САД.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Русија го подготвува ракетниот систем „Сармат“ за оперативна готовност

На Германија годишно и се потребни 288.000 странски работници

Долниот дом на Парламентот во Австралија го усвои предлог-законот за забрана за користење на социјалните мрежи за деца под 16 години