Утрински Весник
Свет

Британците за Брегзит: „Поминавме лошо“

Британците за Брегзит: „Поминавме лошо“

Една година по излегувањето од ЕУ, повеќето Британци веруваат дека Брегзит поминал полошо отколку што очекувале, а таквиот став го делат повеќе од шест од десет испитаници.

Годишното истражување на Обсервер, исто така, покажува дека 42 отсто од луѓето кои гласале за напуштање на ЕУ во 2016 година имаат негативно мислење за тоа како досега поминал Брегзит.

26 отсто од оние кои гласале за Брегзит веруваат дека сè испаднало полошо отколку што очекувале, додека 16 отсто рекле дека очекуваат излезот од ЕУ да помине лошо и дека се покажало дека се во право, покажале најновите истражувања, пишуваат британските медиуми.

Меѓу оние кои гласале за останување на Британија во ЕУ, 86 отсто велат дека сè поминало лошо или полошо отколку што очекувале. Севкупно, само 14 отсто од гласачите сметаат дека Брегзит поминал подобро отколку што очекувале, објави Гардијан.

Највпечатливо откритие, пишуваат медиумите е дека поддржувачите на Брегзит веќе не се толку убедени во добрите страни на напуштањето на ЕУ. Познавачите на состојбите велат дека во текот на целиот процес на Брегзит, напуштањето на ЕУ било лоша работа за Британците, кои биле за останување на земјата во ЕУ, и добра работа за оние кои биле за напуштање.

Но, сега тоа се променило, а значително малцинство поддржувачи на излегувањето од ЕУ велат дека работите одат лошо или барем полошо од очекуваното, велат луѓето кои ги правеле истражувањата. Тие посочуваат дека 59 отсто од гласачите за останување на Британија во ЕУ рекле дека очекувале Брегзит да помине лошо и дека така мислат, а само 17 отсто од поддржувачите на напуштање на ЕУ рекле дека очекуваат се да оди добро и мислат дека било така.

Можете да прочитате

Два брода со мигранти се превртеа кај Мадагаскар, 25 лица загинаа

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење