Скопје, 23 март 2020 (МИА) – Мнозинството од луѓето изразуваат загриженост за себе и за своите најблиски во врска со коронавирусот. Три четвртини велат дека се дури и подготвени да жртвуваат некои од нивните човекови права доколку тоа би помогнало во справување со вирусот. Повеќето земји стојат зад
своите влади во оваа битка. Но, во исто време, сепак, скоро од половина се согласуваат дека
заканата од коронавирус може е претерана. Луѓето ширум светот не знаат што да очекуваат во
наредните недели – лошо или добро, тие не знаат ниту дали ширењето на овој вирус е природна
појава, но сепак повеќето веруваат дека е така. Во меѓувреме, луѓето преземаат мерки за заштита
на своето здравје.
Ова се резултати од анкетата што ја спроведе Gallup International Association (GIA) во контекст на
ситуацијата „КОВИД-19“, во која учествуваа повеќе од 25.000 луѓе во 28 земји низ целиот свет. Во нив спаѓаат САД, Русија, Индија, некои од најпогодените земји – Италија, Република Кореја, Шпанија,
Франција, Германија, Швајцарија, итн., како и многу други земји од различни континенти, вклучувајќи ја и Македонија, каде анкетата е спроведена од БРИМА, македноската члена на GIA. Како што стои во сооптението од Галуп Интернешнл Асосиејшн, анкетирањето во посочените земји беше завршено вчера, а во моментов анкетата продолжува во уште десетина други земји, за што ќе има ажурирано соопштение за медиумите во текот на следните денови.
Причината за ваквиот начин на објавување, како што се посочува, е брзото менување на ситуацијата од ден во ден, и затоа тие веднаш ги објавуваат резултатите од земјите од кои се завршени анкетите.
.
Според истражувањето вкупно 67% од анкетираните се исплашени дека тие или некој од нивните семејства може да бидат заразени од коронавирусот: 38% велат дека се плашат, а 29% велат дека многу се плашат. Додека 20% велат дека не се плашат и 10% дека воопшто не се плашат. Така, вкупно 30% остануваат смирени во пресрет на инфекцијата. Останатите 3% не се подготвени да одговорат.
Резултатите од Македонија, се наведува, не отстапуваат многу од вкупниот просек, анксиозноста од можноста за инфекција од овој вирус е присутна кај мнозинство од анкетирате 63%, наспроти 36% кои покажуваат смиреност.
Германците, Швајцарците, како и граѓаните на Авганистан, остануваат релативно ладнокрвни, со
популација подеднакво поделена на оние кои покажуваат анксизност или смиреност. Очекувано,
жителите од Италија со високи 90% покажуваат огромна загриженост од потенцијалната опасност да бидат заразени самите или некој нивен близок член од фамилијата.
Во Македонија на прашањето „Колку се согласувате или не се согласувате со следнава изјава:
Се плашам дека или јас или некој од моето семејство може да биде заразен со коронавирусот“,
20% од учесниците во истражувањето целосно се согласуваат со изјавата дека нивната влада досега
добро се справува со короновирусот, 42%- донекаде се согласуваат, 20% – донекаде не се согласувам
и 12% – воопшто не се согласуваат. Така, уделот на оние кои позитивно ја оцениле својата влада
(62%) го надминува уделот на негативно оценетите (32%). Другите 6% не можат да одговорат.
Сепак, мнозинство од граѓаните (65%) во земјава искажуваат одобрување за досега преземените владини мерки, наспроти 29% кои не се согласуваат како владата се справува со епидемијата.
Австријците се најзадоволни од реакцијата на нивните државни органи – со 88% кои изразуваат поддршка за превземените владини мерки, по што следи Индија (83%), Палестина (80%), Холандија (79%), Италија (72%) итн.
Од земјите во соседството, 60% од граѓаните во БиХ и Бугарија позитивно ги оцениле владините мерки Најмалку задоволни од нивната влада се во Тајланд , таму 76% донекаде или воопшто не се
согласуваат со изјавата дека нивните надлежни соодветно реагираат во дадената ситуација. Јапонија
е на второ место, со 62% незадоволни од државните мерки и 23% задоволни. Во САД 46% се
незадоволни, а 42% задоволни. Германија е близу – каде 44% од испитаниците сметаат дека
државните мерки не се соодветни, а 47% дека се.
Запрашани во која мера се согласуваат или не се согласуваат со изјавата: Верувам дека заканата од
коронавирус е претерана, со мала предност преовладува ставот дека оваа закана е претерана (49%)
наспроти оние кои веруваат во спротивното (46%).
Балканските народи се оние кои претежно сметаат дека опасноста е претерана – вкупно 73% мислат
така во БиХ, Македонија и Бугарија. Додека, Французите, Холанѓаните, Австријците, Италијанците,
итн. имаат спротивен став – со над 70% мнозинство кое не наоѓа никакво претерување.
Бројот на официјално декларирани заразени по жител во одредена земја очигледно игра
значителна улога во овој поглед, стои во анализата. Се посочува дека, треба да се земе во предвид дека анкетата во Македонија е направена пред да бидат регистрирани првите смртни случаи на коронаворусот во земјата.
Верувајќи во заканата или не, поголемиот дел од луѓето изразуваат јасна подготвеност дури и
привремено да жртвуваат некои од нивните човекови права, доколку тоа би помогнало во
спречување на ширење на вирусот. Така 32% потполно се согласуваат со ваквата можност, 43% се
согласуваат, 13% не се согласуваат, а 6% воопшто не се согласуваат. Останатите 6% не можат да
кажат. Значи, вкупно над три четвртини (75%) од популацијата на анкетираните земји ширум светот,
најверојатно, би се согласиле да бидат лишени од своите слободи сè додека не се реши заканата од
„Ковид-19“.
Највисоко ниво на подготвеност во овој поглед покажуваат Македонците (94%), заедно со
Австријците (94%) и Холанѓаните (91%).
Овој индикатор покажува скоро едногласен став меѓу земјите опфатени од истражувањето по ова
прашање, со некои исклучоци како Јапонците (49% подготвени наспроти 32% не подготвени) и
Американците (45% подготвени наспроти 38% не подготвени).
Нема јасна слика за тоа што треба да се очекува во текот на наредниот месец, Според анкетата, 39% сметаат дека најлошото допрва треба да дојде, 34% веруваат дека најлошото веќе поминало, а 25% веруваат дека ситуацијата ќе остане иста каква што е, а 2% не може да одговори.
Граѓаните на Велика Британија се најголеми песимисти (82% сметаат дека најлошото допрва ќе
дојде), придружени со жителите од Холандија (77%), Франција (70%) и Австрија (68%).
Додека далеку пооптимистички се жителите на Азербеџан (83% од нив веруваат дека најлошото е
завршено), Казахстан (73%), Турција (63%), Ерменија (61%), Индија (61%) и др.
Македонците во пресрет на пандемијата остануваат повеќе оптимисти (со 44% кои веруваат дека
најлошото е завршено и работите ќе почнат да се подобруваат), наспроти 35% кои сметаат дека
најлошото допрва ќе дојде, а 21% сметаат дека наредниот месец ситуацијата ќе остане непроменета.
Веројатно, релативно малот број случаи на официјално дијагностицирани лица со КОВИД-19 по
глава на жител кај повеќето од овие земји, има влијание за ваквите разлики во одговорите. Но
исто така, не треба да се занемари и можноста од различните културолошки влијание кај секое од
овие поединечни општества, кое може да игра важна улога во градењето на ваквата перцепција.
Најпопуларните мерки за ограничување на инфекцијата ширум светот, се додава, вклучуваат почесто миење на рацете (споменати од 78% испитаници), ограничување на директни социјални контакти (54%) и
употреба на средства за дезинфекција на раце (54%). Само 9% изјавиле дека досега не презеле никакви
активности за заштита од КОВИД-19. Сепак, за голем број на испитаници (46%) седењето дома и намалување на социјалната интеракција не е една од мерките кои ја преземале досега. Овој удел е најсериозен во Турција (89%), Пакистан (80%) и Авганистан (66%).
Медицинските маски и ракавици се покажаа помалку популарни како мерки на претпазливост. Вкупно 33%
изјавиле дека користат маски, а 15% рекле дека користат ракавици. Недостаток на маски и ракавици
на пазарот или недоверба во нивната ефикасност може да биде причина за ваквата прилично ретка
употреба. Испитаниците на земјите каде се смета дека заканата е претерана, во помала мера имаат
тенденција да користат маски и ракавици.
Во Македонија најчести преземени превентивни мерки од страна на граѓаните се почестото миење
на рацете (88%), седењето дома и ограничување на директни социјалните контакти (54%) и употреба
на средства за дезинфекција на раце (48%). Додека само 10% одговориле дека употребуваат маски
за лице и 5% дека носат ракавици, 9% изјавиле дека до сега не преземале никакви мерки.
Преовладува вербата дека вирусот се појавил природно: 45% од испитаниците го делат ова
мислење. Сепак, 32% сметаат дека странска сила или земја намерно предизвикува ширење на
инфекцијата. 23% не можат да пресудат. Меѓу поддржувачите на теоријата за намерно создадената зараза е и Македонија со 53% кои веруваат во тоа, заедно со Бугарија (58%), Ерменија (56%), и Еквадор (52%). Додека кај жителите на Пакистан (мнозинство од 72% сметаат дека инфекцијата е природен процес),Германија (59%), Авганистански (58%), Велика Британија (58%), Тајланд (58%), САД (56%), итн,
преовладува ставот за природното потекло на вирусот. Генерално, се нагласува, можеби постарите западни демократии имаат помала доверба кога станува збор за теоријата дека некој намерно го создал и шири вирусот.
Процентите како што се наведува во соопштението од Брима Галуп Интернешнл, надминуваат сто бидејќи испитаниците дадоа повеќе од еден одговор.
Анкетата на Gallup International беше спроведена во 22 земји низ целиот свет. Во секоја земја,
репрезентативен примерок од мажи и жени беше анкетиран во текот на последните две недели,
лице в лице, преку телефон или онлајн. Маргината на грешка за истражувањето е ± 3-5% на ниво на
доверба од 95%.
GIA е глобална независна водечка асоцијација за истражување на пазарот и јавното мислење. Воедно, се напоменува дека: Gallup International Association или нејзините членки не се поврзани со Gallup Inc., со седиште во Вашингтон (САД) која повеќе не е член на Gallup International вг/са/