Утрински Весник
Македонија

Бочварски ја исклучи стручната фела и овозможи да се градат уште повеќе згради и станови, обвинија граѓанските организации

Министерот Бочварски далеку од очите на јавноста донесе незаконски и противуставни измени на Правилникот за урбанистичко планирање, обвинија здружените независни граѓански организации.

Оттука велат дека тоа што над една третина од сите станови во Македонија се невселени, како што покажува последниот попис, не го спречило министерот на нетранспарентен начин, без јавна консултација, исклучувајќи ја стручната фела, самиот да го смени Правилникот за урбанистичко планирање на начин што ќе обезбеди во нашите градови да се градат уште повеќе згради и станови кои нема кој да ги насели.

„Со последнава измена на Правилникот, сѐ она што е внесено во претходните детални урбанистички планови, па колку и тие да се непрофесионални и да го загрозуваат квалитетот на животот на граѓаните и животната средина, станува стекнато право на инвеститорите. Стекнато право стануваат и висината на објектите, и габаритот на зградите и процентот на изграденост пред тие објекти воопшто да постојат. Истовремено, правата на соседите, на сите останати корисници на просторот во градот, правата загарантирани со Уставот за здрава животна средина и хуманизиран простор, со оваа измена стануваат неважни и ништовни. Со ова се саботира јавниот интерес кој и онака никој не го штити при планирањето, како и правото на достоинствен живот“, велат од граѓанските организации.

Ги повикуваат сите граѓани да се приклучат во борбата за враќање на владеењето на правото и правната држава, а Бочварски веднаш да ги повлече, како што велат, срамните измени на Правилникот за урбанистичко планирање.

„Да потсетиме дека истиот министер Бочварски ги отфрли суспензиите за урбанистичките планови во Општина Центар, дури и оние со кои се реализира Скопје 2014 и оние кои се косат со Законот за урбанистичко планирање не почитувајќи ја хиерархијата со Генералниот план“, велат организациите.

Се додава дека и неговото министерство го продаде земјиштето кај Холидеј Ин со што, како што велат, ја овозможи градбата на џиновски комплекси против кои застанаа илјадници граѓани и стручни лица.

Организациите го повикаа Бочварски да организира расправа и во консултација со стручната фела и заинтересираната јавност да се изработи нов правилник со кој ќе се овозможи квалитетно и хумано урбанистичко планирање и заштита на јавниот интерес.

Зад изнесниот став стојат: Зелен хуман град, Шанса за Центар, Независни за Карпош, Më Mirë Për Tetovën – Подобро за Тетово, Стига E – Струмица

Можете да прочитате

Расчистени одроните од карпи и паднатото дрво на автопатот Скопје-Велес

Трибините – огледало на политиката

ВМРО-ДПМНЕ за Таравари: Кога ДУИ те фали, знаеш дека нешто крупно е згрешено