Утрински Весник
Македонија

Бочварски: Штипските компании и превозници да ги дезинфецираат континуирано погоните и автобусите

Бочварски: Штипските компании и превозници да ги дезинфецираат континуирано погоните и автобусите

Штип, 17 март 2020 (МИА) – Дезинфекцијата на автобусите и комбињата со кои се превезуваат текстилните работници до штипските фабрики мора да продолжи и тоа секојдневно, а исто така и погоните во коишто се одвива процесот на прозиводство. Ова се едни од најважните заклучоци од денешниот состанок на кој присуствуваа градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, претставници на текстилните компании, превозници, потоа од Центарот за јавно здравје-Штип, како и од невладините „Гласен Текстилец“ и Хелсиншки комитет.

-Насоките од Центарот за јавно здравје се тие дезинфекција да продолжи во текот на наредниот период, секојдневно и една од останатите мерки е да бидат дезинфецирани погоните, после завршувањето на работното време, со одредени средства што се пропишани од Центарот за јавно здравје. Можам да информирам дека за граѓаните на Штип до денеска нема ниту еден случај заболен од коронавирусот. Посакуваме тоа и да не се случи, вели Бочварски.

Најави дека во текот на утрешниот ден ќе има состанок и со Кризниот штаб, кој ќе преземе и дополнителни мерки со МВР и со неколку други институции, со цел како што рече Бочварски институциите да бидат максимално будни и да се спречи појавата на корона вирусот.

Директорката на Центарот за јавно здраве-Штип, Марија Димитрова посочи дека одговараат на повиците и на потребите на граѓаните, како и на институциите. Денеска е одржана обука на вработените во Затвор- Штип. Таа потенцираше дека доколку компаниите имаат потреба од обука на своите вработени кои работат во погоните за нивна заштита, како и за користење на заштитните средства слободно можат да се јават кај нив и да им излезат во пресрет.

-Во моментов нема место за паника, најодговорно ви го тврдам тоа за Штип. Во моментов немаме ниту лица на Инфективно одделение за тестирање. Лицата, кои претходно беа тестирани се лица од Виница, Радовиш, Македонска Каменица, Кочани. Така што тие се негативни. Жител на Штип ние немаме на тестирање. Лицата кои се во самоизолација сме во контакт со нив, конкретно еве да кажам за лицата кои беа на предавање со докторката се во изолација, сме во контакт и лицата се добри, немаат симптоми. Чекаме одреден временски период за да им се направи тестирање, вели Димитрова.

Додека новинарските екипи беа пред општинската зграда и чекаа за изјави од присутните на настанот, брачен пар од странска држава, кој е вратен девовиве во Штип со нивниот автомобил застана и се поздрави со вработена од една од институциите сместени во општинската зграда, прашана дали овој брачен пар треба да се шета, па и да се поздравува со луѓето, Димитрова е децидна дека треба да бидат во самоизолација и граѓаните да ги пријавуваат ваквите случаи во полиција.

-Значи лицата кои доаѓаат од друга држава треба да се пријават, се земаат изјави од тие лица и ако не се постапува по тие изјави лицата подлежат на кривична пријава. Можат да одговараат и кривично, а казната е затвор до три години, вели Димитрова.

Во моментов во самоизолација во Штип се вкупно 13 граѓани.

Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“-Штип апелираше работниците да не креваат паника, кога ќе слушнат некои непроверени информации, туку да се следат информациите кои министерот за здравство, Венко Филипче редовно ги споделува со сите граѓани и дава конкретни информации, но и препораки, како да се заштитеме од ширење на вирусот.

-Апелираме сите да се придржуваме единствено до препораките и она што постојано го истакнува Министерството за здравство. Драго ми е што денеска од рабоптодавачите кои беа пристни, видов дека голем дел од нив се држат до препораките, не ја знам ситуацијата секаде, меѓутоа гледам дека постои страв и кај нив и се спремаат за евентуално сценарио, но да се надеваме дека нема да дојде до тоа, вели Ампева.

Забележа дека во моментов стопанството во Штип добро се држи и се надева дека и така и ќе остане, а во наредниот период ќе споделуваат и информации до компаниите, за она што како заклучоци, мерки и препораки го носи Владата.вдј/скс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

ДИК ги соопштува освоените мандати за пратеници во новиот парламентарен состав

Кривична против градоначалник за незаконско располагање со буџетски средства за време на избори 

Во Охрид почина деветмесечно бебе