Утрински Весник
Свет

Босна и Херцеговина го одбележува денот на независноста, Република Српска бојкотира

Босна и Херцеговина го одбележува денот на независноста, Република Српска бојкотира

Во Босна и Херцеговина, денеска, 1 март, се одбележува Денот на независноста, но овој ден се слави како празник само во Федерацијата БиХ, додека во Република Српска се третира како незаконски и непостоечки.

„Жртви смен на политика што одлучи да го јакне ентитетот со слабеење на државата, но ќе сториме сè за да ги отстраниме овие блокади и БиХ да тргне по вистинскиот пат“, рече во Сараево Бакир Изетбеговиќ, претседател на Домот на народите на парламентот во БиХ, откако претходно беше положен венец на споменикот на партизанските ослободители од Втората светска војна, каде присуствуваа членовите на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ.

Изетбеговиќ рече дека пред 29 години БиХ ја презела контролата над својата судбина во свои раце и тој е убеден дека ќе дојде време кога сите што живеат во неа ќе ја сакаат својата земја и ќе ја ценат нејзината независност.

Претседателот на Федерацијата на БиХ, Маринко Чавара, (ХДЗ БиХ) по повод одбележувањето на 1 март рече дека овој датум е важен затоа што БиХ го напуштила југословенскиот државен сојуз во 1992 година, со што на сите народи и граѓани во БиХ им била дадена можност демократски и слободно ја изразат својата волја за иднината.

„Народите во БиХ ја изразија својата определба за независна БиХ, држава на еднакви народи и еднакви граѓани“, нагласи тој.

Честитки по повод Денот на независноста пристигнаа и од Американската амбасада во Сараево.

„Соединетите држави остануваат посветени на силно партнерство и пријателство со БиХ и нејзините граѓани, со поддршка на нејзиниот суверенитет и територијален интегритет и со нетрпение очекуваме да ги зајакнеме односите меѓу нашите две земји во наредните години“, се вели во честитката објавена на социјалните мрежо.

БиХ стана меѓународно призната држава откако мнозинството нејзини граѓани гласаа на референдум на 28 февруари и 1 март 1992 година за воспоставување на „суверена и независна БиХ, држава на рамноправни граѓани и народи, муслимани, Срби, Хрвати и припадници на други народи кои живеат во неа“, што беше формулацијата и на референдумското прашање.

Референдумот беше организиран по експлицитно барање на тогашната Европска заедница, која го постави како услов за признавање на самостојна БиХ, а одговорот „да“ тогаш го заокружиле нешто повеќе од два милиона граѓани односно над 60 проценти од тогашната популација.

Властите во Република Српска, пак, упорно одбиваат да го признаат 1 март како празник и сметаат дека датумот е провокација, тврдејќи дека токму референдумот е главната причина која довела до војна.

Пред прославата оваа година, сегашниот претседател во Претседателството на БиХ, Милорад Додик, рече дека тој никогаш нема да го слави 1 март во РС.

Во 2016 година, некои српски членови на парламентот на РС побараа од Уставниот суд на БиХ да го поништи 1 март како празник што ги дискриминира Србите, но судот го одби таквото барање како неосновано.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Инфлацијата во еврозоната се искачи на 2,3 отсто

Зеленски назначи нов командант на копнената војска

Најголемиот електричен авион ќе полета следната година