Утрински Весник
Култура

„Божествениот звук“ на Малер во Филхармонија

„Божествениот звук“ на Малер во Филхармонија

Концерт насловен „Боженствениот звук на Малер“ ќе се одржи овој четврток во 19 часот во Филхармонија.

Оркестарот на Филхармонија под диригентската палка на маестро Габриел Бебешелеа, ќе ја изведе Четвртата симфонија, ремек дело на австрискиот композитор Густав Малер.

Како солистка ќе настапи сопранистката Милена Арсовска.

Симфонијата е во аранжман на Иан Фарингтон кој ја адаптира за изведба со помал оркестарски состав. Три години по завршувањето на неговата последна симфонија, Густав Малер започнува да работи на своето следно обемно дело. Релативно брзо, за само десетина дена, успева да направи скици, но решава да не продолжи понатаму. По краток период, повторно се навраќа на компонирањето и за само неколку месеци успева да го заврши најсофистицираното и најнеобичното дело кое го напишал дотогаш – Симфонија бр. 4. Постојат повеќе аранжмани на оваа симфонија. Еден од нив е и аранжманот на Иан Фарингтон, пишуван за ансамбл составен од 15 изведувачи. Задржувајќи го карактерот на оригиналното дело и третирајќи го секој изведувач како солист, Фарингтон успева да ги открие и оние помалку скриени аспекти на Симфонија бр. 4, кои слушателот тешко може да ги забележи при изведбата на оригиналното дело.

Сопранот Милена Арсовска е една од најистакнатите македонски вокални уметници од поновата генерација, со успешна меѓународна кариера. Дипломира соло- пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Универзитетот за музика и уметности во Виена. За време на студиите, Арсовска се усовршува и посетува мастер-часови кај познатите Клаудија Виска, Дорин Дефеис, Џејмс Хупер и Јоан Холендер. Добитничка е на бројни награди и признанија, меѓу кои и на втора награда на натпреварот „Достал оперета“ во Виена, а е финалист на престижниот натпревар за млади пејачи „Лејла Генчер“. Инаку сега е дел од продукцијата „Свадбата на фигаро“ во престижната опера во Вајмар. Нејзините снимени изданија, пак, ја вклучуваат живата снимка на „Чичестерови псалми“ од Леонард Бернштајн со Камерниот оркестар на Виена, а нејзиниот глас е искористен и во музиката за македонските филмови „Големата вода“ и „Војната заврши“.

Маестро Габриел Бебешелеа е шеф-диригент на Филхармонија на РС Македонија. Неговата репутација брзо почнала да расте по воодушевувањата од страна на критиката и публиката за неговата исклучителна музикалност и ентузијазам со кој ги предводи оркестрите. Со Симфонискиот оркестар на Берлинското радио тој сними ЦД со сè уште необјавената опера на Жорж Енеску – „Духови“, како и со неговата „Пасторала – фантазија за мал оркестар“. На 30-годишна возраст, маестро Бебешелеа беше етикетиран како еден од најталентираните диригенти во последната декада во Романија. Моментно живее во Виена, каде што ги заврши постдипломските студии на Универзитетот за музика и изведувачки уметности.

Текстот „Божествениот звук“ на Малер во Филхармонија е превземен од МАКФАКС.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“