Утрински Весник
Македонија

Бислимовски: За неплатени сметки за декември, јануари и февруари, ЕВН Хоум нема да им исклучува струја на ранливите потрошувачи

Бислимовски: За неплатени сметки за декември, јануари и февруари, ЕВН Хоум нема да им исклучува струја на ранливите потрошувачи

„Универзалниот снабдувач, ЕВН Хоум, не смее да ги исклучува ранливите потрошувачи од системот за електрична енергија, поради неплатени сметки за струја во наредните месеци, декември, јануари и февруари. Исто така, доколку тој има доспеан долг, има можност за одложено плаќање или за плаќање на најмалку шест еднакви рати. А, секој ранлив потрошувач кој е заведен во Министерството за труд и социјална политика, има право од ЕВН Хоум да бара да биде ослободен од обврската за плаќање на надоместок за повторно приклучување, како и бесплатно да му се направи вонредна верификација на мерната опрема“, изјави Марко Бислимовски, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни ресурси, на редовниот координативен состанок со енергетските компании, ЕСМ, МЕПСО и ЕВН, со фокус на предизвиците со кои се соочуваат, како и очекувањата во производството и потрошувачката на електрична енергија, во последниот квартал од годинава.

Тој додаде дека економската неизвесност ги направи потрошувачите воздржани од плаќањето на сметките за режиските трошоци, но по првичниот шок од новонастанатата состојба, наплатата се врати во нормала, а пензионерите покажале доследност и одговорност со плаќањето на овие трошоци, веднаш по добивањето на пензијата.

Од РКЕ потсетија дека потрошувачите имаат право да се жалат и да добијат надоместок за штета, ако имаат прекини во испораката на енергија и ако е таа со послаб квалитет од пропишаниот, согласно условите и критериумите од Правилата за определување на надомест на штета од производителите и потрошувачите на електрична енергија.

„Пандемијата со која се соочува целиот свет ги промени и ги забави економските текови, што влијаеше и врз усложнување на работењето во енергетскиот сектор. Намалената потрошувачка на индустриските капацитети се рефлектираше и врз работата на енергетските компании и затоа беше важно да се оптимизира производството и потрошувачката со координација меѓу компаниите. Тие ги зголемија дигиталните услуги, со што се намали физичкиот контакт, согласно здравствените препораки, но се овозможи и достапност за самостојно отчитување на струјомери, контрола на сметки, доставување на поплаки и плаќање преку интернет“, посочи Бислимовски.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Бишев: Јавниот долг до крајот на годината би изнесувал околу 68,5%

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија

Перински: ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег