Утрински Весник
Македонија

Белградскиот и Битолскиот универзитет потпишаа Меморандум за соработка

Белградскиот и Битолскиот универзитет потпишаа Меморандум за соработка

Скопје, 27 февруари 2020 (МИА) – Универзитетот од Белград и Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола ќе соработуваат на повеќе активности и програми за размена на наставен кадар, студенти, на заеднички истражувачки проекти, учество на семинари и други академски собири, посебни краткорочни академски програми, програми за професионално усовршување и други области од заеднички интерес.

Меморандумот за соработка денеска во Скопје го потпишаа ректорите на двата универзитета, Сашо Коруновски и Иванка Поповиќ, која во рамки на престојот во земјава денеска го посети Факултетот за безбедност-Скопје, кој е во составот на УКЛО, а во наредните два дена ќе ги посети Битола и Охрид.

Ректорот Коруновски изјави дека најмногу ќе се разработуваат истражувачки проекти од програмата Еразмус кои даваат можност за соработка во развивање заеднички студиски програми и за истражувачки проекти. Истакна дека сакаат да ја интензивираат и промовираат и мобилноста на студенти и кадар.

-Нашите студенти често сакаат да одат во Западна Европа, но зошто да не одат во земјите од соседството. Универзитетот во Белград е значаен од регионален и од европски аспект  и врските и подобрувањето на соработката со него ќе ни помогне и ние да пробиеме во многу сфери коишто сега не ни се достапни. Науката и образованието не познаваат големи и мали универзитети, туку универзитети кои сакаат да бидат добри и кои не се трудат да бидат добри. Искуствата на Белградскиот универзитет, кој е високо рангиран на Шангајската листа, сакаме  да ги споделиме и, на некој начин, да ни помогнат да ги подобриме нашите перформанси, изјави ректорот на УКЛО Коруновски.

Очекува соработката да биде воспоставена и со други значајни универзитети на Балканот за да се направи, како што рече, поширока универзитетска мрежа што ќе им биде корисна на земјите и на владите од регионот. УКЛО членува во асоцијацијата-платформа на универзитети на Западен Балкан и Југоисточна Европа и веќе има проектни апликации со универзитетите во Белград, Загреб, Љубљана, Сараево…

Ректорката на Универзитетот во Белград Иванка Поповиќ истакна дека ова е убава можност двата универзитета да ја унапредат соработката која трае долго.

– Ова е можност да го обновиме договорот за соработка кој постои и да поразговараме за поблиски облици на соработка – меѓусебна, но и во рамки на Ректорскиот форум на ЈИЕ и Западен Балкан. Регионалната соработка е исклучително важна, а специфичните области за конкретна соработка ќе бидат договорени денеска и утре. Се надеваме дека ова е потврда на она што досега го работевме и дека секогаш може подобро, изјави Поповиќ.

Пред студентите и професорите на Факултетот за безбедност-Скопје ректорката Поповиќ одржа предавање на тема „Истражување и иновации за квалитет и релевантност во високото образование и можности за студентите“.

Белградскиот универзитет има 31 факултет, 11 институти и 100 000  студенти. Од 2012 влезе во првите 500 универзитети на Шангајската листа што, како што рече на презентацијата, пред се се должи на човечкиот потенцијал, со оглед дека издвојувањето за наука во Србија е околу 0,35 отсто.

Посочи дека иновациите и извонредноста се предизвиците на модерното образование, но дека покрај знаењето, клучна задача на универзитетите е и градењето на академскиот интегритет. – Само од вас зависи каква ќе биде вашата иднина, им порача Поповиќ на студентите од Факултетот за безбедност. хс/лв/

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Каранфилова-Пановска: Ќе бидам верен соработник во креирањето и спроведувањето на новите политики за промени на СДСМ

Обвинителство: Има материјални докази дека Палчо е сторител на двојното убиство

МЖСПП: Советничката Ирена Витина подобро да се информира, пред да изнесува невистини во јавност