Скопје, 17 јуни 2020 (МИА) – Во изминатите три месеци од кога почна пандемијата со коронавирусот КОВИД – 19 до денеска преку различни мерки обезбедивме поддршка за економијата и за граѓаните во вкупна вредност од повеќе од 550 милиони евра од кои само вредноста на мерките од третиот пакет изнесува 355 милиони евра и преку нив ќе бидат опфатени над 700.000 корисници.
-Со овој сет мерки предвидовме и поддршка за оние компании кои беа храбри и инвестираа и за време на коронакризата да продолжат да работат во нивниот раст и развој, во подобрување на конкурентноста и модернизација на процесот на производство, рече Бектеши на денешната прес-конференција во Владата.
Минатата недела, додаде, на веб-страницата на Министерството за економија беше објавен јавниот повик за финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста на деловните субјекти во пост Ковид 19 периодот, а рокот за доставување на понудите е до 31 јули годинава.
-Со оваа мерка не се опфатени компаниите кои искажале негативен финансиски резултат во 2019 година, вршат дејност од областа на примарно земјоделство, шумарство и рибарство, вршат градежни дејности поврзани со изградба и продажба на станови и станбени и деловни згради, работат во индустриите за производство на јаглен и челик, се поддржани со други мерки и механизми за поддршка на специфични сектори како банкарскиот сектор, финансиски услуги и слично, вршат дејности од јавен интерес утврдени со закон, вршат лиценцирана дејност, вршат регулирана дејност чија цена ја одредува независно регулаторно тело, се корисници на право на концесии на добра од општ интерес, вршат дејности поврзани со наменско производство, произведуваат акцизна стока, освен акцизна стока наменета за фармацевтски, медицински и индустриско лабораториски цели, како и вршат дејност трговија на мало и на големо, освен ако инвестираат во основни средства и објекти, рече Бектеши.
Висината на финасиската поддршка, нагласи, ќе изнесува 25 отсто од реализираната инвестиција според инвестицискиот план што ќе го достави апликантот, но не повеќе од 40.000 евра за компании кои во 2019 година оствариле вкупен приход не повисок од еден милион евра, до 100.000 евра за компании кои имале вкупен приход од еден до 10 милиони евра, до 140.000 евра за компании кои оствариле вкупен приход од 10 до 50 милиони евра и 200.000 евра за сите компании кои оствариле вкупен приход повеќе од 50 милиони евра во 2019 година.
-За оваа намена во Владата се предвидени 20 милиони евра, а сите заинтересирани компании за објавениот повик треба да достават апликации со инвестициски план, тековна состојба на деловниот субјект, биланс на успех за 2019 година, како и пресметка на аконтациите на данокот на добивка за месеците март, април и мај 2020 година. Со оваа мерка ќе им помогнеме на компаниите дополнително да инвестираат, да ги подобрат нивините капацитети, да бидат попродуктивни и да се вратат на пазарите кои ги изгубиле и да добијат нови пазари, рече Бектеши.
Потсети дека Владата донесе три сета економски мерки за поддршка на компаниите и граѓаните со кои даде поддршка за компаниите кои најсилно го почуствуваа ударот на кризата да останат ликвидни и да исплатат плати на вработените. Преку Развојната банка, посочи, досега обезбедивме бескаматни кредити во вредност од 12,6 милиони евра за 1.331 микро, мали и средни компании во кои работат 16.632 вработени. Преку мерката за исплата на минимална плата од 14.500 денари досега е доделена поддршка за 19.500 компании и 5.579 вршители на дејност за април и над 20.000 компании и 5.579 вршители на дејност за месец мај, а минатата недела донесовме одлука да ја продолжиме оваа мерка и за исплата на плати за месец јуни.
-Во Третиот сет мерки обезбедивме и поддршка за граѓаните со издавање платежни картички и ваучери за туризам. Картичките веќе пристигнуваат на адресата на граѓаните кои се опфатени со оваа мерка и веќе до 18-ти сдледниот месец ќе ги добијат сите, рече Бектеши.вј/скс/