Утрински Весник
Економија

Без јавен оглас лани биле склучени 368 договори во вредност од 40 милиони евра

Без јавен оглас лани биле склучени 368 договори во вредност од 40 милиони евра

Најниската цена и натаму е проблем број 1 за фирмите, а 48 % од нив сметаат дека има корупција во јавните набавки, покажува Извештајот од мониторингот на јавните набавки за периодот јули-декември 2019 година и анкетата на фирмите за нивното искуство при учеството на тендерите на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Клучните наоди од мониторингот покажуваат дека транспарентноста на јавните набавки не е на предвиденото ниво во согласност со новиот Закон за јавните набавки. Во повеќе од четвртина од мониторираните постапки на централно ниво (27,5 %), евидентирано е непочитување на законската обврска за известување во однос на спроведените тендери.

Исто така, утврдено е дека најниската цена е користена како критериум за избор на најповолна понуда во 97 % од тендерите, а електронската аукција е применета во дури 94 % од тендерите. Ваквото постапување на институциите, пишува во извештајот, не е во согласност со актуелните европски трендови, ниту, пак, соодветствува на барањата на бизнис-заедницата.

Извештајот покажал дека во 2019 година, во директни преговори и без објавување оглас, склучени се 368 договори, во вкупна вредност од 40 милиони евра. Во однос на претходната година намален е бројот на договори, но вредноста е зголемена за 21 %.

„За дури три четвртини од фирмите ‘најниската цена’ како критериум за избор е најчест проблем со којшто се соочуваат во јавните набавки. Задоцнетото плаќање повторно избива како голем проблем за фирмите, кои просечно чекаат седум месеци за наплата на побарувањата за завршените набавки. 48 % од фирмите сметаат дека ‘секогаш’ или ‘често’ има корупција во јавните набавки. Фирмите го оценуваат процесот на јавни набавки во земјава со просечна оценка од 2,82 (на скалата од 1 до 5), што е незначително намалување во однос на лани, кога оценката беше 2,87“, пишува во Извештајот.

Исто така, честите поништувања на тендерите, причините за поништувањето и големината на тендерите за кои се носат вакви одлуки ја отвораат дилемата дали со поништувањата се прикриваат слабостите во спроведувањето на постапките за јавни набавки или, пак, манипулациите.

Мониторингот на јавните набавки се спроведува во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Петрушевска до опозицијата: Седум години покажувавте огромна негрижа, а сега зборувате за социјална правда

„Сакам да работам“ до ДУИ и ВЛЕН: Дали вашата политичка војна треба да остави 10 илјади луѓе без работа

Демант од Групација на небанкарските финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија